Ивана Ѓорѓиевска од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија повторно е избрана за претседателка на Советот на Општина Куманово. На денешната прва конститутивна седница на Советот, Ѓорѓиевска беше предложена од комисијата за мандатни прашања и именувања со четири гласа „за“ и еден „воздржан“, а избрана со 19 гласови (ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПСМ, ВЛЕН ) од вкупно 31 советник.
Советниците од ДУИ ја напуштија седницата пред гласањето за предложениот претседател на Советот, а пак, предлогот на советникот Иван Петковски од „Ред за Куманово“, Владимир Михајловски од ВМРО-ДПМНЕ да биде новиот претседател на Советот, не доби поддршка од пет советници за да биде ставен на гласање. Претседател на комисијата за мандатни прашања е советникот Дарко Митевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Инаку, со првата конститутивна седница претседаваше највозрасниот член на новиот состав на Советот, д-р Срѓан Ѓорѓевиќ од Демократската партија на Србите во Македонија.
„За мене како претседателка на Совет ќе биде приоритет јавните претпријатија да си ги ставиме на нозе за да можат да пружат квалитетна услуга до нашите сограѓани. Да се среди комуналниот ред, да се реши сообраќајниот хаос и хигиената на градот затоа што сите тоа го ветувавме како политички партии во локалните избори. Претстои период во којшто ќе донесуваме многу суштински одлуки за граѓаните на Општина Куманово. Јас како претседателка на Совет од изминатиот мандат веќе ги знам проблемите, овдека има советници од претходните состави на Совет, ги знаат локалните проблеми и од вас советници очекувам само конструктивна расправа и идеи предлози како да се решат проблемите на нашите сограѓани“, кажа Ѓорѓиевска.
На седницата претходно беа верифицирани мандатите на советниците во Советот на општина Куманово. Претседател на верификационата комисија е советничката Моника Марковска од Движењето ЗНАМ.
Плодна и успешна работа на советниците во идниот четиригодишен период им посака градоначалникот Максим Димитриевски.
„Да се водиме од општиот граѓански интерес при носење на сите одлуки“, истакна Димитриевски.
