Културно – уметничкото здружение „Коњаница Букефал“ првпат годинава, во чест на празникот Илинден организира коњанички марш низ повеќе населби во Куманово.
Маршот започнува денеска од црквата „Св. Димитриј“ во Тромеѓа, по што коњаницата ќе продефилира во населбата Карпош, во Ајдучка Чешма, Пепро Чичо и вечерва во населбата Иго Тричковиќ.
Маршот ќе продолжи и следните два дена, а кои населби ќе бидат посетени ќе слушнете од изјавата на Иван Цветковски, организатор на Илинденскиот коњанички марш во Куманово.
„Маршот започнува денеска /31 јули/ во 17:00 часот од црквата „Св. Димитриј“ во населбата Тромеѓа. Коњаницата ќе тргне кон населбата Карпош, и околу 18:00 часот ќе пристигне на почетокот на улицата 120. Потоа ќе продолжи кон Ајдучка Чешма, каде што е предвидено кратко запирање околу 19:00 часот. Во 19:30 коњаниците ќе бидат кај амбулантата во населбата Перо Чичо, по што ќе се движи кон м.в. Магаза, а завршница на првиот ден е предвидена во 20:30 часот кај училиштето во населбата Иго Тричковиќ“.
Вториот ден, на 1 август, маршот повторно ќе започне од Тромеѓа, во 18:00 часот, но овојпат кон населбата Доброшане. Таму коњаницата ќе пристигне околу 19:00 часот и по кусо задржување ќе продолжи кон селото Орашац, каде што во 20:00 часот ќе пристигне кај црквата „Св. Илија“.
На самиот празник, 2 Август, коњаниците ќе маршираат низ улиците на градот. Стартот е во 18:00 часот од Тромеѓа, а завршницата е планирана до 20:00 часот пред Спортската сала во Куманово“, изјави Иван Цветковски, организатор на Илинденскиот коњанички марш во Куманово.
