ВИДЕО: Кумановци уживаа во претставата од Театар Плевен

Драмско-куклениот театар  од Плевен, Бугарија вчеравечер се претстави пред кумановската публика со претставата „Еден човек и една жена“. Станува збор за дуо драма по текст на рускиот драмски и книжевен писател Валентин Красногоров, а во режија на Анастас Попдимитров.

,,Еден маж и една жена“ е комедија за двајца луѓе кои ја бараат среќата и смислата на животот преку нивните заеднички задоволства. Два карактери кои постојано се во потрага по нови возбудливи нешта. Улогите ги толкуваат актерите Мариета Калапова и Георги Ангелов, сценографијата и костимите се на Марија Диманова.

-Многу е важно културата да биде мост на зближување меѓу нашите двете држави. Културата и искуствата преку актерите покажуваат колку сме блиски, емоциите се единствени, се радуваме едните на другите. Сметам дека културата, искуствата кои ги гледаме вечерва, претставите кои што се играат и во Бугарија и во Македонија успеваат да ја надминат негативната политичка конотација која се чувствува во моментот, која не е во корист на никој, изјави Антониа Велева, претседател на Културно -информативен центар на Бугарија во Скопје

-Време е да седнеме, да си ги раскажеме историите, да се радуваме и да работиме заедно. Сето останато е ветер и магла. Публиката одлично реагираше на прекрасната пиеса од Валентин, на една нормална човечка истоирја. Целта е размена на претставите, ние сме сега тука, понатаму ќе го чекаме Театар Куманово во Плевен, но, не е целта само да правиме размена на завршени проекти, идејата е да работиме заедно, да поставиме бугарски автори во Македонија, а македонски автори кај нас, но и да правиме заеднички претстави, изјави Димитар Кабаков, директор на Драмско-куклениот театар од Плевен

-Многу пријатно сме изненадени од реакцијата на публиката која беше прекрасна, реагираше точно каде што треба и кога требаше, со затаен дух слушаше таму каде што треба да се слуша, на крајот имаше многу солзи, како и секогаш кога ја играме оваа претстава со мојата колешка, а ја играме веќе пет години, секогаш салите се полни во Плевен, Ќустендил, во останатите градови. Очекуваме размена на актери, на режисери, ваши актери ќе играат во наши претстави, ние ќе играме во ваши претстави итн. изјави Георги Ангелов, актер

Театрите од Куманово и Плевен вчера потпишаа меморандум за соработка. Како што изјавија директорите Сашо Тодоровски и Димитар Кобаков приоритет ќе имаат заедничките соработки, проекти, гостувања и можност за размена на актери кои би гостувале во заеднички претстави.

Коментари

коментар(и)