ВИДЕО: Мамограф еднаш годишно, ехо на дојка на шест месеци, порачаа од Здружението „Борка-Езра“ и од Клиниката за радиологија и онкологија

Кај секоја осма жена се дијагностицира карцином на дојка, старосната граница на заболените е поместена, односно болеста се јавува и кај млади пациентки на возраст од дваесетина години, во однос на соседните земји во Македонија има висока стапка на заболување, а една третина од заболените умираат, ова се дел од поразителните податоци кои што беа споделени со јавноста на вчерашното едукативно предавање за превенција и рано откривање на ракот на дојка во Куманово. Предавањето го организираше здружението за борба против рак „Борка – Езра“, а на конкретната тема говореше доктор Мери Пешевска од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, која порача дека жените треба превентивно да делуваат односно навреме да одат на прегледи.

– Многу е важно навреме да се открие, колку порано откриен, тоа значи дека има повеќе шанси за излекување. Бројот на пациентки расте. Старосната граница е поместена. По студии беше по 50-тата година, но имаме многу млади пациентки од 20-тина години. Важно е навреме да се зема терапијата која е индивидуална согласно потребите на пациентите и зависи од стадиумот и други фактори.  Ехо на дојка на секои шест месеци, а мамографија еднаш годишно, како и дополнителни анализи, изјави д-р Мери Пешевска, Универзитетска клиника за радиологија и онкологија

Според анализите на здружението „Борка-Езра“, во Македонија минатата година имало 1.200 новозаболени пациентки од рак на дојка. Кампањата што ја спроведува здружението има за цел да ја подигне свеста кај граѓаните за превентивно делување и подобрување на квалитетот на животот на пациентите со малигни заболувања.

– Бесплатните консултации се со цел да се овозможи непосреден контакт помеѓу пациентките и лекарите. Од досегашното искуство најмногу прашања пациентките поставуваат во врска со терапијата. Во однос на соседните држави, кај нас има висока стапка на заболување, на пример во Албанија, Косово, има по 600 дијагностицирани, а кај нас е двојно повеќе. Ова се должи на нередовни прегледи, изјави Емануела Додева, претседателка на „Езра“.

Од Здружението најавија дека во соработка со Владата е предвидено набавка на мобилен мамограф со кој ќе се посетат руралните подрачја во државата и ќе се овозможи преглед на жените во сите делови од државата.

Коментари

коментар(и)