ВИДЕО: „Мајка од магла“ – втор роман на Габриела Давидовска Баниќ

„Мајка од магла“ е насловен вториот роман, но прв на македонски јазик на писателката Габриела Давидовска Баниќ, која по потекло е од Куманово, но живее и работи во Ровињ, Република Хрватска. Станува збор за роман кој ќе ве поттикне да размислите за вредностите на животот, родителството, односите со блиските. За телевизија Плус, Давидовска Баниќ раскажа дека реакциите на луѓето кои досега го прочитале делото се дека е одлично, интересно, поучно.

-Родителство од еден друг аспект, сите се бориме да бидеме што подобри родители, романот е насловен Мајка од магла но тоа не значи дека е наменет само за мајките, се случува како се случува, девојчето останува без еден родител, затоа мајката продолжува. Се работи за една најдобронамерно направена грешка. Сите ние имаме добри намери, се бориме за нашите деца, но прашањето е дали секогаш ние тоа добро кое мислиме дека е најдобро за нив, дали навистина тие се согласуваат со тоа. Сите мои дела имаат пресврт, приказната оди во еден правец и потоа нагло се пренасочува во друг, во кој што не сте се надевале, мислам дека е интересно а тоа го кажаа и останатите-нагласи таа.

Давидовска Баниќ нагласи дека мотивација за делата црпе од секојдневниот живот, случувањата. Романот „Мајка од магла“ заинтересираните можат да го најдат во кумановската библиотека „Тане Георгиевски“, но и во книжарниците „Херби“. Инаку денеска треба да излезе и третиот, најнов роман на Баниќ, кој засега е преведен само на хрватски јазик.

-Третиот најнов роман „У свему најбоља животиња“, овој роман е инспириран од вистинска приказна која се случи близу мене, за која имав дозвола иако е анонимно и некако ја провлеков Македонија, но се случува овде на полуостровот на кој живеам, се случува за време на пандемијата, тема која е доста актуелана, многу сакам и овој роман да го видам преведен на македонски. Веќе работам на тоа, го имам, треба малку напор за негова реализација-дополни таа.

Првиот роман на Баниќ е насловен „Храбра кукавица“, и тој е доставен во градската библиотека.

Коментари

коментар(и)