Младиот и перспективен оперски пејач Дарко Тодоровски од Куманово утревечер во Занаетчиски дом ќе одржи предновогодишен концерт кој ќе биде поделен во неколку блокови. „Најголемото богатство кое што секој го носи во себеси е работата на самиот себе“, порачува Тодоровски во пресрет на Новата година.
Концертот започнува во 20 часот. Влезот е слободен, а Дарко најавува одлична забава.
„После две години многу сум среќен, многу сум радосен што сум пак во Куманово, некако најубаво и најодговорно е да се пее во свој град. Многу убава програма како и пред две години имам подготвено и овојпат. За жал, прескокнав лани, така се случи, настапував по други градови, во други држави, немав можност да се вратам во Македонија. Годинава преубава програма ве чека. Концертот е поделен на неколку блокови со многу изненадувања, ќе пееме, ќе направиме едно новогодишно божиќно расположение, ќе танцуваме, ќе играме, ќе станеме сите, ќе се смееме, ако дојде да плачеме, ќе плачеме, Нова година е. Завршува една многу убава година, за мене беше револуционерна 2024 година. Концертот почнува со новогодишен репертоар, потоа продолжува со малку американски џез познати класици, репертоарот на Френк Синатра, на Елвис Присли, Дин Мартин, тоа се песни, стихови, фрази, мелодии кои што секој од нас ги знае. Потоа, како и секогаш затоа што сум јас, пред се, музичар образован ќе отсвирам и на клавир, придружба сам на себе неколку песни, пак многу познати. 2024 година многу убава година, револуционерна година, година која што ја посветив на себе си, на работа на самиот себе, затоа што, нека влезе оваа фраза и како моја новогодишна честитка подоцна, затоа што „најголемото богатство кое што секој го носи во себеси е работата на самиот себе“. Јас решив 2024 година да ја посветам на себе, да работам на себе и сум многу среќен заради тоа и влегувам во 2025 година со мирна душа, со уште поголема насмевка, со уште побогато срце, со многу појака енергија. И затоа реков ќе се враќам во Македонија, ќе пеам и ќе правам колку можам концерти затоа што едно е најбитно, а тоа е – секоја наредна година да бидеме најдобрата верзија од себе си“, изјави Дарко Тодоровски, оперски пејач
