ВИДЕО: Огромен интерес за празничниот концерт на музичкото училиште „Панче Пешев“

„Срце за Куманово” е насловен празничниот концерт на училиштето за основно музичко образование „Панче Пешев“ што се одржа вчеравечер во салата на Занаетчискиот дом. Она што воодушевува е што секоја наредна година публиката е се побројна и позадоволна, секако благодарение на несебичната ангажираност и работа на наставниците од музичкото училиште со своите ученици. Присутните во преполната сала имаа можност да уживаат во песни на македонски, албански и српски јазик, во изведба на вокални солисти, хорот и оркестарот на училиштето „Панче Пешев“. Почесни гости на концертот во чест на празникот на градот, 11 Ноември беа музичките уметници Нино Величковски и Маргица Антевска кои што ги придружија младите таленти на сцената. Сите интерпретации на концертот беа наградени со силен аплауз од публиката.

Концертот е поддржан од Општина Куманово и Фондацијата за култура и спорт.

„ Пред се, сакам да се заблагодарам што ве гледам во толкав голем број, од концерт до концерт се во поголем број и мислам дека оваа сала станува претесна, што ме прави многу среќна, што значи дека добро работиме, има интерес, а се надевам дека ова ќе трае и понатаму. Се заблагодарувам на почитуваните гости од Советот, Општината, Секторот за образование, Општинскиот образовен инспекторат, и пред се, на нашите специјални гости Нино Величковски и Маргица Антевска кои што се одважија на овој концерт да земат учество и со нашите ученици да отпеат по една песна, со што ќе ни дадат поддршка на се она што го работиме и што го споделуваме со вас“, истакна Сандра Зојчевска, директор на УОМО „Панче Пешев“ Куманово

„Интеракцијата меѓу учениците и наставниците воодушевува, вистински ментори сте, а заедно правите уметност на сцената која секогаш нас присутните магично нѐ воодушевува! Куманово со Вас имало, има и ќе има наша автохтона музика која секогаш ќе биде сплет од различни нации!“, пишува во објавата на Ивана Ѓорѓиевска, претседателката на Советот на Општина Куманово.

Инаку, „Панче Пешев“ е единствено музичко основно училиште во Куманово, основано во 1947 година. Именувано е по македонскиот композитор и учесник во НОБ, Панче Пешев.

Визијата на музичкото училиште е, во догледна иднина да се зголеми бројот на паралелките, бројот на наставен кадар, да се прошири училишниот простор, а училиштето од основно музичко училиште да прерасне во средно музичко училиште, каде што за  изучување ке бидат застапени повеќе оддели (инструменти).

Целта на основното музичко обрзование е да ги поттикнува, развивва и негува музичко-творечките способности кај учениците за активно занимавање во музиката, создавање на музиката, доживување, вреднувае и развивање на пораките во музичките дела и создавање на идни врвни музичари.