ВИДЕО: Одржан вториот Меморијален турнир во чест на ракометарката Јасмина Голубовиќ

Во спортската сала на средното училиште „Перо Наков“ викендов беше одржан вториот меморијален турнир во чест на Јасмина Голубовиќ – име кое остави длабоки траги во кумановскиот женски ракомет.

Турнирот беше организиран од Здружението на ракометни ветеранки Куманово, а се одигра под мотото „ Годините не се пречка, победи ако можеш, изгуби ако мораш, но никогаш не се откажувај!”

На турнирот покрај домашната екипа, учествувааа и ветеранките на Гевгелија, Богданци и Струга.

Овој втор меморијален турнир во спортската сала при СОУ „Перо Наков“ беше збогатен со учество на повеќе генерации на ракометарки со кои Голубовиќ настапувала во нејзината кариера.

И на овој турнир, како и минатата година зборови на благодарност за организирање на спортскиот настан упати ќерката на Голубовиќ, Милица Ѓокѓуриќ, која што живее и работи во Црна Гора.

– Денеска играме во чест на мојата мајка, а ваша легендарна ракометарка, играме во слава на животот. Секоја порака која ми ја испративте, секој спомен на мојата мајка кој го поделивте, секоја фотографија што ми ја дадовте направија веќе никогаш да не се чувствувам осамено, туку да бидам горда додека сум жива. На мене и на мојот брат ни дадовте животна чест да бидеме дел од овој спектакл кој се прави од срце во чест на нашата мајка за која ракометот беше живот, рече Милица Ѓокѓуриќ, ќерка на Јасмина Голубовиќ

Претседателката на Здружението на ракометни ветеранки Куманово, Елена Радиќ се надева дека турнирот следната година ќе добие меѓународен карактер.

-Само ќе кажам едно – добро е што дојдовме на оваа идеја да направиме нешто вакво големо во нејзино име бидејќи и таа била голема во се што работела, рече Елена Радиќ, претседател на Здружението на ракометни ветеранки Куманово

Меморијалниот турнир за Јасмина Голубовиќ е поддржан од градоначалникот и Советот на општина Куманово. За отворен го прогласи претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска.

-Ние од Советот и од општина Куманово секогаш ќе го поддржуваат спортот во Куманово затоа што еве какви генерации излегуваат, меѓутоа лично како претседателка на Советот, не како член на здружение, не како индивидуа, кога ќе видам ваква женска енергија се воодушевувам, браво ракометарки, рече Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово

Првото место го освоија ветеранките од Богданци, како второпласирани завршија Струга, третото место им припадна на ветеранките од Гевгелија, додека четврти беа ветеранките од нашиот град.

Јасмина Голубовиќ во 60-те години од минатиот век претставуваше синоним за ракометна умешност и останува во историјата на женскиот ракомет во Куманово како апсолутен рекордер во настапите за родниот град и постигнатите голови за ДТВ Партизан – Куманово.

Коментари

коментар(и)