Дваесет и два ученика од десет општински основни училишта под менторство на своите наставници деновиве твореа во рамките на петтото издание на детската ликовна колонија Пчиња 2026. Завршиот настан се организираше во туристичко- информативниот центар (поранешен задружен дом) во с.Пчиња, а посетителите на ликовниот камп имаа можност да ги разгледаат уметничките дела на тема: „Убавините на реката Пчиња и Бислимската Клисура”, изработени во разни ликовни техники.
На ликовниот натпревар прво место освои основното училиште „Вук Караџиќ“, второ – „Кочо Рацин“, а трето место училиштето „Магдалена Антова“, информираат организаторите. На завршната манифестација беа доделени награди и дипломи за првопласираните три места и благодарници за сите учесници на овогодинешната ликовна колонија.
Ликовниот камп е организиран од хуманитарното здружение „Мајка“, во соработка со Мирослав Димевски, директор на основното училиште „Карпош“ во село Умин Дол, а поддржан од Секторот за култура на Општина Куманово. Детската ликовна колонија е поддржана и од повеќе општествено одговорни компании од градот.
„Среќни сме затоа што учениците излегоа во природа да творат и да уживаат, а годинава имаше најмасовен одзив од училиштата за учество на кампот, така што жири комисијата имаше не лесна задача да издвои само три дела кои ќе бидат наградени, истакна Димевски.