(ВИДЕО) ОО СДСМ: Четири кандидатури за иден градоначалник

Поднесени се четири кандидатури за избор на градоначалник на Општина Куманово до општинската организација на СДСМ и пријави од деведесет партиски членови за советници во идниот состав на Советот. Дали наредните четири години со општината ќе менаџира актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, претседателката на Советот, Атина Мургашанска, претседателот на општинската организација, Мартин Костовски или секретарот Оливер Илиевски ќе одлучи централниот одбор на СДСМ предводен од лидерот на партијата, Зоран Заев.

-Што се однесува до предлозите за советници, исто така имаше многу, дел од предложените кандидати не поднесоа пријава, дел не исполнуваа услови, а околу 90 партиски членови пополнија пријава за кандидат за советник за наредниот состав на Советот на општината. Извршниот одбор на ОО СДСМ Куманово е со заеднички став дека ќе бидат доставени до централното партиско раководство сите предлози за кандидати како за градоначалници, така и за советници. Ние сме амбициозна општинска организација и имаме што да понудиме. Им посакуваме среќа на нашите партиски другари. Кој и да биде градоначалник, секако ќе биде од редовите на СДСМ, максимално поддржан од своите сопартијци, а и од граѓаните на Куманово, затоа што ние, кумановци знаеме да го избереме најдоброто за нашата општина, рече Катерина Пешиќ Бошковска, портпарол на ОО СДСМ Куманово

Предлозите за градоначалници за локалните избори СДСМ ќе ги презентира на крајот од август, рече деновиве Заев, потенцирајќи дека предвреме, можно е да се знаат имињата само за кандидати во општините за кои анализите се завршени.

Коментари

коментар(и)