ВИДЕО: Општината доделува субвенции на колективни станбени згради за уредување на дворните површини

Општина Куманово ќе додели субвенции на колективните станбени згради за уредување на дворните површини. Општината ги повикува сите заинтересирани правни субјекти да достават барања за користење на средства за уредување на дворни површини и просторот околу станбените згради, се до исцрпување на буџетот за таа намена, но не подоцна од 30 ноември годинава.

-Советот на Општина Куманово изгласа програма од комунални дејности, за уредување на дворни површини пред станбени објекти, се надевам одделени се 400.000 денари, проектот трае до крајот на годината, не мора во кус временски период да се подготват документите, да се покаже интересот на станарите, домарот што располага со тој станбен комплекс и да дојдат да поднесат документи, имотен лист на зградата, елаборат што може проектант да го направи, предмет пресметка да го средат нивното дворно место, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово

Средствата што ќе ги надоместува општина Куманово се во вредност од  80 % од вкупната инвестиција, но не повеќе од 80.000 денари по доставено барање, од предвидените средства за уредување на дворните површини на колективните станбени згради. Услов за учество во јавниот повик е купувачот да нема искористена субвенција за истата намена од било кој извор во земјава.

Право на учество на овој јавен повик имаат станбени згради управувани од лиценцирани станбени управители и регистрирани заедници на сопственици преку управител на станбена зграда или претседател на заедница на сопственици во општина Куманово, кои имаат поднесено комплетна документација и ќе поднесат Образец за барање за искористување на правото за надоместок.

– Бевме сведоци и на „Октомвриска“ и повеќе комплекси реагираа дека нивните дворни површини не се уредуваат од „Чистота и Зеленило“, од општината, но еве можност со 80.000 денари една станбена зграда да биде уредена како што замислуваат станарите. Станарите треба да направа,  тоа се 80 проценти од предвидените средства кои треба да бидат вложени, односно една зграда ако има 20 домаќинства треба плус 1000 денари по семејство да додаде на таа пресметка и да можат да имаат бенефит за уредување на дворното место, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на општина Куманово

На јавниот повик немаат право на учество правни субјекти, кои имаат веќе остварено право на користење субвенции за уредување на дворната површина, како и сопствениците на станбени објекти, кои се се уште во фаза на изградба.

Барањето може да се подигне во архива на општина Куманово или да се обезбеди од интернет страницата на Општината: www.kumanovo.gov.mk .

Барателот барањето заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до општина Куманово, ул.„11 Октомври” бб, во архивата на општина Куманово, секој работен ден од 09 до 15 часот.

Коментари

коментар(и)