ВИДЕО: Општината набави нови возила за зимско одржување на улиците

Општина Куманово набави три возила коишто имаат специјална намена за чистење на снегот во зимски услови. Возилата за зимско одржување на улиците, општината ги набави со сопствени средства преку долгорочно задолжување од Светска банка, информира градоначалникот Максим Димитриевски.  Тој посочува дека Куманово ќе биде поделено на три зони, а распишан е и јавен тендер за избор на економски оператор за зимско одржување на улиците.

– Вкупниот износ на средства коишто ги користевме во минатото, за зимско одржување во моментов се преполовени и доделени на ЈП „Чистота и Зеленило“ кои претпријатието ќе ги користи дел за одржување на јавни прометните површини и тротоари во централно градско подрачје, во близина на училишта и дополнително дел од средствата за обезбедување на дополнителни материјали за зимско одржување, сол. Таа ни е ставена на располагање. Во текот на ноември месец ќе се донесат одлуки за да биде доделена на ЈП, дополнително да се регистрираат возилата, нивна промоција кога ќе се комплетираат со целата документација ќе биде ставена во функција. Куманово ќе ја има најдобрата опрема за зимско одржување. Не било случај досега да поседуваме таква опрема, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово.

Освен новите возила, кумановските претпријатија имаат и друга опрема со која ќе се спроведува зимското одржување.

– Она што сакам да го напоменам дека зимското одржување нема да имаме сами капацитет во целост, градот е поделен на три реони, прва, втора, трета зона ќе мора да користиме дополнителен оператор сепак, сметам дека ќе обезбедиме над 50 проценти заштеда кои ги дадовме средствата на ЈП, изјави Димитриевски.

Специјалните возила и работните машини се дел од под-заем со Министерство за финансии, во рамките на средствата обезбедени со проектот подобрување на општинските услуги финансиски поддржан со заем од Светска банка, во висина 63 милиони 754 илјади 712 денари, со цел финансирање на капитален проект, односно набавка на 12 возила за четири јавни претпријатија.