ВИДЕО: Отворена сензорна соба во ООУ „Кочо Рацин“

Во основното училиште „Кочо Рацин“ денеска беше отворена сензорна соба во рамките на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Станува збор за специјално опремена просторија каде што стручните соработници и наставници од ова училиште ќе можат да обезбедат дополнителна образовна поддршка за учениците со, но и без попреченост. Ова е трета сензорна соба во Куманово од вкупно 18-те досега отворени во училиштата на ниво на државата како дел од проектот кој го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“.

Претседателкaта на „Инклузива“, Благица Димитровска истакна декаоваа просторија не е замена за училница, туку е помошен простор кој ќе помогне училишниот тим да ги оствари образованите цели за секое дете.

-Сензорната соба не служи само за децата со попреченост, туку за сите деца кои потешко ја совладуваат образовната програма, за да им се даде поддршка на наставниците за сите деца да работат исто. Пресреќни сме, во Куманово имаме 44 дечиња што добиваат месечна стипендија, направивме инклузивно игралиште, три сензорни соби и во моментот се привршува работата во еден пристапен тоалет. Куманово оди напред кон инклузивноста, изјави Благица Димитровска, претседател на здружението „Инклузива“.

Оваа сензорна соба е опремена и со поддршка од Општина Куманово која секогаш за залага да ја подобри инклузивноста во училиштата.

„Оваа сензорна соба претставува уште еден локален симбол за нашата посветеност лицата со попреченост да имаат пристап до квалитетно образование“, меѓу другото, истакна градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитревски.

-Општина Куманово ќе продолжи да ги поддржува ваквите проекти, не само со цел да биде инклузивна општина, туку првенствено тоа е наша обврска, во континутет грижата за оваа категорија на наши сограѓани беше запоставена, и ние во следниот период ќе се обидеме барем сите основни централни училишта да добијат ваква сензорна соба која што ќе овозможи посоодветно да се работи со оваа категорија на деца, а дополнително, сите нови проекти во градот во делот на инфраструктурата веќе ги работиме со спуштени тротоари кои што ги опфаќаат лицата со телесен инвалидитет или телесна попреченост за да можат посоодветно да се движат и да ги користат јавните прометни површини. Далеку сме од она што е некој стандард на Запад, но сепак работиме од ден на ден и веруваме дека со вакви активности и од страна на невладиниот сектор и со поддршка на општината, но многу повеќе со многу поголем ентузијазам ќе успееме еден ден навистина да станеме град кој што е суштински инклузивен и кој што дава еднакви можности на сите свои граѓани, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово

Сензорната соба ќе биде уште една дополнителна алатка која ќе помогне училиштето да обезбеди инклузивно и квалитетно образование, смета директорката на училиштето Лидија Пешевска.

-Оваа сензорна соба е опремена со елементи кои се од голема корист за учениците со интелектуална попреченост, со хиперактивно однесување, ученици од аутистичниот спектар, деца кои имаа проблеми со моториката и сл. и ќе биде уште една дополнителна алатка која ќе помогне училиштето да обезбедиинклузивно и квалитетно образование, изјави Пешевска.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ е финансиран од ЕУ.

Коментари

коментар(и)