Ученици од основните училишта „Браќа Миладиновци “ и „Карпош“ од Умин дол денеска имаа можност да ја проследат ревијата на народни носии од различни етнички предели во Македонија, во организација на Центарот за истражување и одржување на традицијата „Етно фолк студио“. Како што истакна претседателот на ансамблот, Перица Димковски станува збор за автентични носии за свечени прилики кои што биле карактеристични за крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Претставени беа десетина носии, меѓу нив и кумановската, Средорек- Жеглигово – Славиште. На ревијата, како што посочи Димковски биле поканети сите основни училишта од градот и кумановско.
-Имаме соработка со сите ансамбли во Куманово и со некои здруженија, имаме и работилница каде што самите ги изработуваме сите костими, сите делови на костимите, така што почнуваме со везење, плетење, со ткаење. И мене ми е интересно што оваа млада генерација на деца има интерес да се занимава со традицијата и културата во оваа наша држава. Заради ковид бројката на членовите малку се намали, моментално имаме педесетина членови, од кои 38 се активни членово. Нашето седиште е во малата сала на ООУ „Крсте Мисирков“. Членовите се на возраст од „7 до 77“. Денеска ревијата е за сите основни училишта од градот и кумановско, а вечерва во 19 часот и 30 минути ги очекуваме градоначалникот, советниците, бизнис заедницата. Имаме поддршка од општината за нашите активности, има и доста проекти кои општината веќе ги прифати. Сакаме да им покажеме на кумановци дека можеме да работиме и да придонесеме во зачувувањето на традицијата, изјави Перица Димковски, „Етно фолк студио“
Работилницата на „Етно фолк студио“ се наоѓа во малата сала на основното училиште „Крсте Мисирков“. Центарот за истражување и одржување на традицијата постои од 2018-та година. Досега ансамблот учествувал на фестивали во Република Српска, БИХ, Косово, Македонија, а има освоено и награди.
