Педесетина уникатни модели изработени од учениците од текстилната струка во СОУ „Перо Наков“ вчера беа дел од модната ревија насловена модни варијации што се одржа во холот на училиштето. Пред публиката беа претставени четири колекции, „Безвременска елеганција, „Тајната на мадам Рококо“, „Сенката на Сахара“ и завршната колекција насловена „Да живее животот“. Наставници -ментори кои што учествуваа во организацијата на ревијата се Марија Спиридоновска Ангеловска, Фросина Митковска Цветковска, Викторија Крстевска, Андријана Динева, Розана Деспотовиќ и Бјондина Љатифи.
Присутните ги поздрави директорката на СОУ „Перо Наков“, Мила Жибак Димковска.
-Ова е вечер на креативност, инспирација и на младешка енергија. Вечерва сите ние сме сведоци на нешто навистина посебно- резултатот од напорната работа, замислата и талентот на нашите ученици. Во светот на модата, се започнува со идеја. Една мисла, една скица, еден детал. Но, она што ја прави оваа ревија посебна е токму приказната зад секој дизајн – приказна за визија, соништа и соработка. Нашите уечници не само што создадоа уникатни модели, туку и научија важни животни вештини: како да работат заедно, како да ги претворат идеите во реалности можеби најважно – како да веруваат во себе – рече меѓу останатато директорката Жибак Димковска.