Петмина пожарникари од Територијалната противпожарна единица од Куманово со возило и опрема денеска заминаа кон Турција да помогнат во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес на шести февруари. Командирот Дејан Илиевски вели дека тимот е стручно подготвен да се справи со она што ги очекува во Турција.

-Синоќа добивме информација дека треба да испратиме една екипа за Турција на испомош, се завршуваат последните подготовки околу поаѓањето, испраќаме едно возило и екипа од петмина пожарникари. Во Турција ќе замине тим кој има завршено обука за користење на хидрауличен алат при урнатини и земјотреси и верувам дека ќе дадат максимум од себе, изјави Дејан Илиевски, командирот на ТППЕ Куманово.

Душан Цаневски е еден од петтемина пожарникари кои што наредните денови ќе помагаат на турското население. „Оваа мисија за нас е голем предизвик“, рече непосредно пред тргнувањето на пат кон Турција, Цаневски кој претходно беше прогласен за пожарникар на годината.
-Нашата цел е да спасиме живот, подготвени сме за нашата мисија која ни претставува голем предизвик, изјави Душан Цаневски, пожарникар

„Општина Куманово во духот на хуманоста и солидарноста ќе продолжува да помага на сите народи и држави во вакви исклучително тешки моменти согласно можностите“, истакна Димитриевски.