ВИДЕО: „Порака наша“ ќе ангажира лиценцирани негуватели

Здружението Регионален центар „Порака наша“ распиша Конкурс за ангажман на лиценцирани негуватели/ки за помош и нега на стари лица и лица со попреченост во рамките на проектот „ Ублажување на ефектите и последиците од Ковид-19 на најранливите категории во општеството со посебен фокус на постари лица и лица со попреченост“. До 20-ти септември годинава сите заинтересирани граѓани може да аплицираат доколку ги исполнуваат пропишаните услови: да бидат лиценцирани негуватели со стекнат сертификат од Црвен крст, да се државјани на Македонија, да имаат над 18 години и да бидат мотивирани за работа со стари и немоќни лица, како и лица со попреченост.

„Конкурсот е објавен во рамките на Сервисот за домашна нега во домашни услови во кој негувателите пружаат нега на две таргет групи -лица со попречeност и стари лица во нивните домови во општина Куманово“, информира психологот Мартина Костовска од „Порака наша“.

– Сервисот започна во февруари и веќе успешно функционира во Куманово, опфатени се рурални, градски средини. Имаме отприлика 32 корисника меѓу кои лица со попреченост и постари лица каде што нашите негувателки одат на терен и им пружаат бесплатна нега во нивните домови.
Бидејќи функционираме на терен веќе 7 месеци во моментот распишуваме конкурс бидејќи имаме потреба од дополнителен ангажман на негуватели. Меѓутоа мора да напоменам дека на овој конкурс ни треба да сертифицирани негуватели кои веќе се имаат стекнато со сертификат. За да ја оствариме одржливоста на проектот треба да работат лиценцирани негувателки и треба да ја почнеме постапката на лиценцирање на ваков сервис. Од она што го гледаме, видовме дека во најголемата општина во нашата земја на територијата на Куманово има голема потреба од ваква нега затоа што не секое старо лице сака да оди во дом за стари или пак нема можност да оди, истото важи и за лицата со попреченост, изјави Мартина Костовска, психолог во „Порака наша“

Негувателот ангажиран во сервисот за домашна нега во домашни услови за стари лица и лица со попреченост може да извршува повеќе активности кои ќе зависат од личните потреби на корисникот, како што се пружање психосоцијална поддршка, помош во борба против осаменоста преку повеќе друштвени и забавни активности, грижа за безбедноста на корисникот и помош во извршување наосновните секојдневни активности, од пазарување и помош при облекување па се до помош при управување со буџетот, плаќање на сметки и посета на лекар.

– Моментално имаме предвидено буџет за осум лиценцирани негуватели, понатаму се надеваме дека тоа ќе се зголеми. Има многу голем број на заинтересирани граѓани кои сакаат да влезат во севирсот, но за жал капацитетите се такви. Една негувателка пружа нега на седум до осум корисника, се менуваат во текот на денот зависно од потребите на корисниците. Во рамките на проектот имаме обезбедено возило кое има намена да ги превезе до самото место каде што е потребно. Нашите негувателки го користат тоа возило кога на пример некое старо лице е немоќно само да посети лекар или да извади упат и слично. Возилото служи за самите негувателки и лица кои не се во можност тоа да го направат. Зборувам во женски род затоа што сите негуватели се жени, меѓутоа апелирам до тоа да се пријават и мажи затоа што во целта на проектот е и да се разбие онаа стигма дека негувател е само женска професија. Имаме најавено дека обуката започнува од октомври во Црвен крст така што би апелирале да се пријават и машки лица доколку се имаат стекнато со сертификат, изјави Костовска.

Проектот „Ублажување на ефектите и последиците од Ковид-19 на најранливите категории во општеството со посебен фокус на постари лица и лица со попреченост“ финансиски е поддржан од австриското министерство за труд и социјални работи, а се имплементира во соработка со австрискиот Црвен крст, со Црвен Крст на Македонија и општинската организација на Црвен крст од Куманово.

Коментари

коментар(и)