ВИДЕО: Премиерна изведба на „Ковачи“ на Театар Куманово

Претставата „Ковачи“ на Театар Куманово според текст на Алек Попов, а во режија на Деан Дамјановски премиерно ќе биде изведена утревечер во центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Ова ќе биде прва изведба на драма на Попов на македонска театарска сцена, а тој е еден од најплодните и напреведуваните автори во регионов.

Режисерот Дамјановски потенцира дека основната тема со која се занимава претставата е среќата и што таа значи во денешната медиумска и глобална цивилизација. Што е вистинска среќа? – она што се претставува на социјалните медиуми или она што човекот навистина го чувствува? Според него, станува збор за една прилично апсурдна комедија, а самиот заплет е многу интересен. Дамјановски е режисер на повеќе од 30 театарски претстави и различни проекти од областа на театарто во Македонија и надвор од неа. Автор е на неколку драматизации и адаптации на прозни дела за сцена.

Во комедијата „КОВАЧИ“ е претставен судирот помеѓу западната и источната цивилизација, односно култура. Актерот Антонио Димитриевски го игра ликот на Долф кој е претставник на германското општество, а негова сопруга во претставата е Хајде, односно Кети Дончевска -Илиќ.

Улогата на протестантски поп во Ковачи ја игра Горан Илиќ, а Жарко Јовановиќ во претставата игра два лика.

Целосната актерска екипа ја сочинуваат Антонио Димитриевски,  Кети Дончевска – Илиќ, Горан Илиќ, Нина Максимова, Жарко Јовановиќ, Давид Илиќ и Марко Трајковиќ.

Премиерата започнува во 20 часот.

 

Коментари

коментар(и)