Комедијата „Секс и лаги“ во режија на Драгана Таневска е новата премиера на НУЦК „Трајко Прокопиев“- Театар Куманово во втората сезона за 2022 година. Претставата ќе биде изведена в петок( 14-ти октомври) со почеток во 20 часот, како последна претстава на 25-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“.
-И оваа годија фестивалот „Денови на комедија“ го затвора наша комедија на Театар Куманово. Годинава тоа е претставата „Секс и лаги“ во режија на Драгана Таневска. Се надевам на одличен одзив кај публиката како и секоја наша претстава, рече Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Театар Куманово
Според драматургот Симона Тоскиќ, комедијата „Секс и лаги“, работена според текстот „Секс и љубомора“ на Марк Камолети, e спој помеѓу интригата и љубовта, страста и моралот, вистината и лагата, сведоштво за начинот на кој се третирани љубовните и семејните релации помеѓу еден маж и една жена. Ова е претстава во која конфликтот на интереси произнесува чувства, реакции и односи кои ги прават ситуациите комични.
Во претставата играат Марко Трајковиќ, Сања Русеска, Жарко Јовановиќ, Нина Максимова, Александра Михајловска и младите актери, гости во претставата Анастасија Величковиќ и Никица Јанковски. Актерите ги повикаа кумановци в петок да уживаат во новата претстава.
-Ова е многу интересна брза претстава која што има темпо, гледлива е и сигурно ќе наиде на интерес кај гледачите. Француска класична комедија која се базира на интриги, каде што смешното произлегува од самите ситуации и сплетки кои што се случуваа меѓутоа и од самите карактери на ликовите. Мојот лик е на извесен начин Лажго, човекот што изневерува во претставата и тоа не само сопругата туку и љубовницата, изјави Жарко Јовановиќ, актер
-Верувам дека направивме дека вистинска претстава која што мислам дека ќе се игра со години. Го играм ликот на Нане, всушност тоа е еден слуга, батлер, лик кој што е ставен меѓу две бури, изјави Никица Јанковски, актер
-Јас сум гостин во оваа претстава и ова за мене и првата професионална претстава бидејќи годинава дипломирав и можам да кажам дека ова е еден прекрасен процес затоа што екипата е многу пријатна за работа, исто така и режисерката. Ликот кој што го играм во претставата се вика Ема, таа е всушност жената која што изневерува, изјави Анастасија Величковиќ, актер
-Со режисерката никогаш не сме работеле комедија заедно, последниот пат овде работевме на „Недоразбирање“, а сега работиме нешто сосема различно. Со Таневска заедно почнавме кога како деца во центарот за култура го формиравме Младинскиот театар, потоа студиравме заедно на Академијата. Нема да зборувам многу за ликот, ќе кажам само дека во претставата играм ескорд дама, изјави Александра Михајловска, актер
– Супер е да имаме гости од стана да дадат една нова енергија во ансамблот, се надевам дека ќе соработуваме и на некои наредни проекти. Забавно беше, јас максимално се забавував, се надевам дека и публиката ќе ужива, изјави Нина Максимова, актер
-Јас го играм ликот на Миле Милевски, самото име по себе е комично, Миле Милевски е тој што е жртва во претставата, од него доаѓаат сите тие комични ситуации што се случуваат. Драгана е режисер кој дозволува многу слобода на актерите и мислам дека тоа е многу важно во секој процес. Ќе ги поканам кумановци, не само на премиерата, туку и на сите репризни изданија кои ќе ги имаме на претставата, рече Марко Трајковиќ, актер
За сценографијата во претставата е задолжен Крсто Богојевски, за костимите Дарко Илиевски, а дизајнот на плакатот е на Стефан Јакимовски.
Репризата веќе е закажана за 15-ти октомври со почеток во 20 часот.
Инаку, „Секс и лаги“ е седмата премиера на Театар Куманово во 2022-а година.