Во малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ вчеравечер беше промовирана книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски. Книгата на Антоновски е прва во која детално се анализира и вреднува есеистичкото творештво на големиот драмски автор и есеист Горан Стефановски. „Идентитетот е приказна“ на Антоновски е оценета како исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура.
„Студиозна и високо книжевно-критичка анализа, која низ еден извонреден дијалог со есеите на Стефановски дава одличен импулс во книжевно-теориските истражувања на некои актуелни и нови теми и проблеми на македонското творештво“, вели за делото на Антоновски, промоторот, проф.д-р.Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка и критичарка.
-Се смета дека Горан Стефановкси секогаш го примаме како бард на македонското драмско писмо на македониоскиот театар модерен, постмодерен, ама некако сме го заборавиле или сме го поттурнале во однос на она штио ни го остави како аманет, како тестамент во своите есеи. Е токму оваа книга се занимава со таа есеистика на Горан Стефановски, Иван Антоновски многу студиозно, многу темелно се обиде да ги исчита најгоелм дел од скоро сите есеи вклучително во оваа книга се наоѓа и последниот есеј на Горан Стефановски, пишува непосредно пред неговата смрт, така што од тој аспект ние денеска на овој вечерашен настан ќе се обидеме да одговориме , да одгатнеме неколку прашања врзани со таа есеистика, со тие проблеми со кои што се соочува и Горан, но со кои што се обидува и нас да не сврти кон иднината и кон решавањето на одредени прашања, проблематични се уште и во негово време, па и во наше. Мислам дека книгата ќе се чита и ќе поттикне нови читачи, нови проучувачи на есеистиката на Горан Стефановски, рече Мојсова-Чепишевска.

Книгата е издадена пред 3 месеци, веќе доживеа две изданија и е најпопуларна книга на издавачката куќа „Полица“.
– Есеите на Горан Стефановски не се само текстови во кои што е раскажана нашата приказна до еден миг сега, туку се и текстови во кои што има патокази, има јасни насоки како да ги создадеме следните поглавја на нашата приказна, рече Антоновски.

Иван Антоновски е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ и зад себе веќе има неколку публикации. Минатата година беше прогласен за најдобар млад научник во хуманистичките науки и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“.
Освен во книжарницата на издавачката куќа Полица, книгата на Антоновски може да се купи и во сите поголеми книжарници во земјава.