ВИДЕО: Промоција на документарен филм за Јасмина Голубовиќ

Документарниот филм „ЈАСЕ“ посветен на поранешната ракометарка од Куманово Јасмина Голубовиќ ќе биде промовиран на шести септември годинава во Занаетчискиот дом со почеток во 19.30 часот. Автор на триесетминутниот филм за почетоците, ракометната кариера и успесите на Голубовиќ во Македонија и надвор од неа е Марјан Стошевски.

-После пет месеци работа заедно со екипата во состав од Небојша Кипријановски, Викторија Додевска, Кети Дончевска -Илиќ и инцијативата од ветеранките на Куманово дојдовме на идеја да направиме еден документарен филм за Јасмина Голубовиќ, еден голем спортист на град Куманово, една голема ракометарка која даде многу за афирмација на овој спорт во нашиот град. Филмот е комплетно завршен, трае триесетина минути и промоцијата ќе биде во вторник во Занаетчискиот дом со почеток во 19.30 часот со многу гости од Куманово, Скопје и од Црна Гора, претставници на семејството Голубовиќ, со еден збор ќе биде убаво да се дружиме и да се потсетиме на Јасмина Голубовиќ која навистина даде многу за ракометот во Куманово. Во филмот ќе бидат вметнати многу убави фотографии од нејзиниот успешен спортски живот и ќе бидат презентирани дваесетина соговорници кои што секој на свој начин ја опишува Јасмина Голубовиќ и се надевам дека ќе оставиме еден убав запис за оваа наша ракометарка која и понатаму живее во срцата на нашите кумановци, изјави Марјан Стошевски, автор на филмот

Јасмина Голубовиќ е родена 1947-та година во Куманово. Нејзиниот талент на 15-годишна возраст го открил тренерот Славко Симовиќ и започнува да игра за екипата на ДТВ Партизан Куманово. Во богатата играчка кариера, Голубовиќ настапувала за македонската и југословенската  репрезентација, а воедно за Куманово е рекордер по настапите со стаж над десет години. Авторот наведува дека Голубовиќ покрај во ракометот била успешна и во воспитно-образовниот процес како професор по наставните предмети историја и географија во селото Драгоманце во 70-тите години од минатиот век. По завршувањето на спортската кариера, Јасмина се омажила во Бар, Црна Гора.

-Паралелно со снимањата во Куманово, еден мал дел снимавме и во Бар, каде што таа живееше, за неа зборуваше нејзиниот сопруг Никола чие што излагање беше многу емотивно, а ќе има излагање и од Скопје. Веруваме дека нејзините дела ќе бидат поттик за генерациите кои што доаѓаат дека само со работа и со залагање може да се стигне до успешен спортист, изјави Марјан Стошевски, автор на документарниот филм

Промоцијата на документарниот филм „ЈАСЕ“ ќе биде на денот кога свечено е пуштен во употреба спортскиот комплекс Соколана.

 

 

 

Коментари

коментар(и)