( ВИДЕО) Расте бројот на хоспитализирани пациенти од Ковид 19, 20 нови случаи во Куманово

Секојдневно се зголемува бројот на хоспитализирани пациенти од Ковид 19 на инфективното одделение во кумановската општа болница. Според началничката на инфективното одделение, примариус д-р Сунчица Јосифова во моментов од вкупно 13 лежечки пациенти во болницата , дури 11 се на кислородна поддршка и сите се невакцинирани. Бројките на хоспитализираните и прегледани во дневната болница од почетокот на август растат во однос на јули, што пак значи дека трендот на пораст на заболени во државата не ја одминува ниту нашата општина, велат надлежните.

– 11 се позитивни, двајца ни се сомнителни, чекаме да ги добиеме резултатите. Имаме и во дневна болница кои примаат терапија, од нив четворица се позитивни, еден е негативен. За двајцата за кои чекаме потврда за Ковид 19 се вакцинирани со една доза вакцина, додека останатите кои се потврдени и кои се на кислородна поддршка се невакцинирани пациенти-изјави примариус д-р Сунчица Јосифова, началник на инфективното одделение

Пациентите кои болнички се лекуваат се со потешка клиника слика, додаваат надлежните, претежно се повозрасни луѓе со коморбидитети, дијабетес, срцеви заболувања, покачен притисок и обезни пациенти, што ја комплицира комплетната клиничка слика.

Јосифова апелираше до граѓаните да се вакцинираат бидејќи вакцината е единствената заштита од ковид вирусната инфекција.

-Вакцината во голем процент штити од заболување. Ниту една вакцина не штити 100 проценти, затоа сограѓаните да се придржуваат на препораките од Министерството за здравство, носење маска во затворени простории, држење дистанца, лична хигиена особено на рацете и што е можно помалку групирања во затворен простор, изјави Јосифова.

Претходно општата болница Куманово имаше три одделенија каде се лекуваа ковид заболените пациенти, кои по подобрувањето на епидемиолошката состојба беа затворени.

Инаку, според последните податоци на министерството за здравство, во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 219 нови случаи на КОВИД-19, од нив 20 случаи во Куманово. На ниво на државата, пријавени се 4 починати лица од возраст од 61 до 76 години, а регистрирани сe и 30 оздравени пациенти.

Во моментов бројот на активни случаи во земјава изнесува 955, од нив 90 случаи во Куманово.

Коментари

коментар(и)