(ВИДЕО) Свечена академија во чест на годишнината од загинувањето на Карпош

„Куманово е град кој што знае да ја негува традицијата, но првенствено град кој што знае да ја почитува, а воедно и надградува и сопствената историја. Токму Христијан Тодоровски Карпош е еден од најсветлите симболи на таквата кумановска, македонска, па и балканска историја“, рече градоначалникот Максим Димитриевски обраќајќи се на свечената академија по повод годишнината од загинувањето на кумановскиот командант.

„Народ кој што не се грижи за сопствената историја, не може да има иднина“, потенцираше Димитриевски.

-Бидејќи лично како човек заедно со многу свои соборци, не само што ја пишуваше истата, туку заедно на најмлади години се втемелија во таквата историја која што од Куманово служи за пример на сите народи кои што живеат на овие балкански простори во делот на борбата против фашизмот и борбата против тогаш побројниот и помоќниот непријател. Денеска ние со право како нивни потомци имаме можност да се восхитуваме на сето тоа што го превземале, но и да го почитуваме нивниот лик и нивното дело бидејќи тоа е наша обврска, тоа било обврска и на претходните генерации. Народ кој што не се грижи за сопствената историја, не може да има иднина, а за наша среќа ние се уште во нашиот град имаме живи сведоци на таа не многу далечна историја и на македонскиот народ, но и на сите народи кои што живеат овде на овие кумановски простори. Затоа треба да бидеме горди на нивниот лик и дело, никогаш да не заборавиме дека не имаат задолжено многу, затоа што денеска имаме независна и слободна сопствена држава во која тие се втемелија, рече Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Свечената академија традиционално е во организација на Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав Куманово, а за ликот и делото на Христијан Тодоровски карпош говореше претседателот Драган Стојмановски.

-Х.Т.Карпош загина во цветот на младоста на возраст од 23 години, во борба против бугарскиот фашистички окупатор во село Биљача, Република Србија. Загина, но вечно ќе живее. Ние кумановци сме горди и среќни што Карпош беше наш сограѓанин, но, тажни што не ја дочека слободата и создавањето на држава за која пред олтарот на слободата го положи својот млад живот… Со извојувањето на двете значајни победи и протерувањето на бугарските власти од општините во козјачијата се прогласува трета слободна територија во Македонија после Дебарца и Тиквешијата. На оваа територија во село Рамно и Малотино се формираа партизански болници и пристигнаа значајни воени политички личности како што беа Мара Нацева, Киро Глигоров, Веселинка Малинска и др. со цел вршење на подготовки за одржување на Првото заседание на АСНОМ, рече Драган Стојмановски , претседател на ЗАПВАРС Куманово.

Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав Куманово (ЗАПВАРС) функционира од 2009 година, а во него членуваат над 700 членови, кои дејствуваат и работат врз основа на предвидената и одобрена годишна програма на здружението.

 

Коментари

коментар(и)