ВИДЕО: Свечена академија по повод 5 Мај – Ден на македонскиот литературен јазик

Денес прославуваме 80 години од кодификацијата на македонската азбука.

05 мај 1945 година е денот кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

Денот 5 мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“ на 130 седница на Владата, одржана на 16 април 2019 година.

Македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет.

Да си го чуваме и негуваме, бидејќи како што рекол Блаже Конески:

„Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“

Денот на македонскиот јазик во Куманово е одбележан со свечена академија во Занаетчиски дом во организација на Фондацијата за култура и спорт, под покровителство на градоначалникот и Советот на општина Куманово.

Преку видео врска, во чест на Денот на македонскиот литературен јазик, се обратија проф. д-р Владимир Мартиновски (декан на Филолошки факултет „Блаже Конески”), проф. д-р Венко Андоновски (Филолошки факултет „Блаже Конески”) и проф. д-р Маја Јакимовска – Тошиќ (Институт за македонска литература).

Присутните гости проследија проекција на документарен филм на тема кодификација на македонскиот јазик. Во рамките на културно – уметничката програма ученици од општински основни и средни училишта и детскиот хор при УОМО „Панче Пешев” интерпретираа творби од значајни автори на македонската литература и познати музички нумери.

Пред присутните со пригодни говори се обратија претседателката на Советот на општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска и градоначалникот Максим Димитриевски.