Учениците од кумановските средни училишта „Наце Буѓони“ и „Киро Бурназ“ покажаа најдобри знаења и вештини на санирање на повреди на 34-от општински натпревар по прва помош организиран од општинската организација на Црвениот крст Куманово. Учениците од втора и трета година од здравствената струка во техничкото училиште и учесниците од државното средно училиште го поделија првото место на натпреварот на кој учествуваа 14 екипи поделени во две категории – подмладок и младина.
„Темата на овогодишниот натпревар е „Прва помош во училишна средина“. Најразни инциденти можат да се случат на училиште. Многу е важно да знаеме како да дејствуваме во вакви ситуаци, кои понекогаш знаат да бидат животозагрозувачки. Првата помош може да спаси живот. Нашите ученици од втора и трета година во здравствената струка го освоија првото место. Во екипата на натпреварот учествуваа: тим лидерот Ива Марија Несторовска, Дарија Трендафиловска, Теодор Трајановиќ, Меланија Лазаревска ,Александра Димитријевиќ и Мила Ивановска, а беа обучувани од страна на Теа Јанковска. ОСТУ „Наце Буѓони“ продолжува со успесите“, истакна професорката Магдалена Трајановиќ.
Второ место освоија натпреварувачите од гимназијата „Гоце Делчев“, а трето учесниците од средното стручно училиште „Перо Наков“.
Првите три места во категоријата подмладок ги освоија екипите од основните училишта: ООУ „Крсте Мисирков“, „Христијан Карпош“ и „11 Октомври“.
Во делот на дисеминација трите места ги освоија учениците од: ООУ ,,Бајрам Шабани”, ООУ ,,Крсте Мисирков” и ОСТУ ,, Наце Буѓони” (албанска паралелка).