Во организација на НУ Музеј Куманово ќе се одржи третата Меѓународна научна конференција посветена на Кокино, под наслов: „Sacred Spaces through Time: Archaeology, Ritual and Religion“. Конференцијата обединува домашни и меѓународни научници во истражувањето на светите простори, археологијата, ритуалите и религијата низ времето. Свеченото отворање на конференцијата ќе биде во среда (18 ноември 2026 год.) во 12 часот во хотел „Етно Село Тимчевски“, информираат од НУ Музеј Куманово.
По повод 25 години од откривањето на Кокино (2001–2026) и првите археолошки истражувања на локалитетот, НУ Музеј – Куманово организира ретроспективна изложба посветена на едно од најзначајните археолошки откритија во нашата земја. Преку фотографии, документи и археолошки сведоштва, изложбата ќе потсети на почетоците на истражувањата и патот на Кокино до неговото меѓународно препознавање. Изложбата ќе биде отворена во четврток (19 ноември 2026 година) во 20 часот во Уметничка галерија – Куманово. Автор на изложбата е Мирослав Петковски, виш кустос – археолог.