Куманово викендов беше домаќин на третиот Интернационален турнир за ветерани во ватерполо, кој се одржува во чест на 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово. Организатор на турнирот е МКД „Мастерс“, македонска ветеранска ватерполо екипа. На турнирот учествуваа 16 екипи од 12 земји. Покрај екипите од земјите на поранешна Југославија, со исклучок на Словенија, учество земаат и ватерполисти од Бугарија, Романија, Турција, Унгарија и Словачка.
Турнирот свечено го отвори Андреја Маџовски, директор на ЈП „Куманово паркинг“, кој истакна дека ваквите спортски настани се одлична можност за промоција на Куманово како град на спортот и спортскиот дух, но и потврда дека љубовта кон спортот, пријателството и натпреварувачкиот дух не познаваат возрасни граници.