„Слепите лица и лицата со оштетен вид бараат почитување на нивните права и услови за самостојно и безбедно движење на тротоарите, пешачките премини, јавните институции, а не сожалување“, порачуваат од здружението на слепи лица во Куманово, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап, 15 октомври. Белиот стап како симбол на независноста и безбедноста на слепите лица е воведен во 1981 година со цел да им се олесни движењето на лицата со целосно или делимно оштетен вид меѓу автомобилите.
Но, за тоа колку граѓаните се запознаени со неговото значење и дали постои доволна свест за потребите на овие лица разговаравме со кумановецот Христијан Ѓорѓевиќ, член на здружението, а вработен во секторот за правни работи во Општина Куманово.

„Инклузијата на лицата со оштетен вид е невозможна без висока јавна свест, бидејќи најголемите пречки со кои тие се соочуваат често не се физичките ограничувања, туку предрасудите, дискриминацијата и неинформираноста на околината“, посочува Беркант Асановски, секретар на здружението на слепи лица – Куманово.
Подигнувањето на свеста е клучниот прв чекор кој води кон реални промени во неколку клучни области – уривање на стереотипите, пристапноста, еднакви можности за вработување, образовна инклузија.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап всушност е повик до институциите, локалните власти, работодавачите и целото општество да ги отстрануваат бариерите што ја ограничуваат слободата и независноста на лицата со целосно или делумно оштетен вид.
Видеото со изјавите од Беркант Асановски секретар на здружение на слепи лица – Куманово и Христијан Ѓорѓевиќ член на здружение на слепи лица – Куманово, по вестите во 18 часот.