ВИДЕО: Се одбележува Светскиот ден на телевизијата

Денес се одбележува Светскиот ден на телевизијата, прогласен со резолуција на Обединетите нации во 1996 година. Целта на Светскиот ден на телевизијата е да се зголеми свеста за влијанието што овој медиум го има во градењето ставови кај публиката и улогата во свртувањето на вниманието кон економските, општествените, здравствените и други прашања.

И покрај социјалните медиуми, улогата на локалните медиуми во информирањето на граѓаните е многу значајна, смета главниот и одговорен уредник и директор на Телевизија Плус, Драган Ивановски.

-Граѓаните можеби и не се доволно свесни колку ТВ има влијание кај нив, меѓутоа сигурно дека улогата на ТВ во поглед на информирањето е многу голема, иако со појавата на социјалните медиуми улогата на ТВ секојдневно се редефинира. Но, сепак предвидувањата велат дека и во следните педесетина години ТВ ќе биде значаен извор на информации, рече Драган Ивановски, директор на ТВ Плус

Локалните медиуми обработуваат теми од локален карактер при што навремено, објективно и непристрасно информираат, додава Ивановски, посочувајќи дека за одржливоста на еден значаен извор на информации како што е телевизијата, неопходна е поддршка од локалните компании.

-Што се однесува до ТВ во нашата држава, националните се уште добро стојат ако зборуваме за финансиската состојба, мака мачиме ние кои емитуваме програма на локално и на регионално ниво, пред се поради некои лоши законски решенија во нашата држава и поради слаба заинтересираност на локалните компании да емитуваат рекламни кампањи и да ги промовираат своите производи токму преку овие медиуми. Ако се земат во предвид социјалните мрежи во последно време, бидејќи тука нема законски решенија кои би ги дефинирале односите помеѓу учесниците во таа сфера, улогата на регионалните и локалните ТВ е мошне голема бидејќи ние работиме според законски норми, според професионални новинарски стандарди и затоа веројатно и претставуваме некоја последна брана пред напливот на тие лажни вести. Се трудиме едноставно да ги информираме граѓаните на правилен начлин, не толку бргу колку коректно, професионално и непристрасно за да можат да создадат целосна слика за збиднувањата посебно во нашиот град бидејќи пред се, обработуваме теми кои се од локален карактер. Поради тоа апелирам секако локалните компнии да ги насочат своите рекламни кампањи токму кон овие медиуми, без разлика дали се работи за телевизија или радио и на тој начин да помогнат во одржувањето на еден извор на информации кој е многу значаен за граѓаните, рече Ивановски.

Според Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) одбележувањето на денешниот ден е признавање на улогата на телевизијата во едуцирањето, обезбедувањето информации, промовирањето на слободата на изразување, толеранцијата, отвореноста за изразување на различните култури.

Коментари

коментар(и)