ВИДЕО: СОУ „Перо Наков“ со завршен настан за проект за социјално претприемништво

Наставници од средното општинско училиште „Перо Наков“ денеска во Куманово организираа завршен настан во рамките на проект за социјално претприемништво од Еразмус+ програмата. Во реализацијата на проектот чија цел е да се вметне социјалното претприемништво во наставниот процес вклучени се партнер училишта од Хрватска и Турција и организации од Италија и Кипар, а главен координатор е училиштето „Перо Наков“ од Куманово.

-Денеска организираме завршен настан за проектот кој што е дел од Еразмус + програмата, финансиран од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност на Р. Северна Македонија.  Ние како „Перо Наков“ училиште сме координатори на овој проект и сме многу среќни што успеавме да бидеме координатори на ваков огромен проект од програмата К2 од Еразмус + програмата. Знаеме дека 21 век е век на социјалното претпримништво и затоа сакаме преку проектот да им помогнеме на сите како полесно да живеат, како полесно да го решаваат проблемот кој што го имаат. Со реализација на проектот успеавме да направиме три интелектуални аутпута, водичот за наставници за учење на социјално претпримништво, наставна програма за социјално претпримништво и прирачник за наставници и ученици за реализација на наставната програма по социјално претприемништво. Во рамки на проектот имавме организирано три обуки и три транснационални состаноци кои што беа надвор од Македонија, и успеавме сите да ги изреализираме, изјави Ивана Близнаковска- Доцевска, координатор на проектот.

Проектот за социјално претприемништво вклучува и наставници и ученици, посочува Близнаковска- Доцевска.

-Со тоа што одржувавме определени обуки со учениците можам да кажам дека учениците навистина имаат некои идеи, креативни начини за решавање на определени социјални проблеми кои што вистински ќе помогнат за решавање на општествени проблеми во нашиот град конкретно, изјави Ивана Близнаковска -Доцевска, координатор.

Реализацијата на проектот започна во ноември 2019-та година и требаше да трае 24 месеци, меѓутоа поради пандемијата проектот е продолжен до октомври месец годинава, потенцира координаторката.