ВИДЕО: Со повеќе активности одбележан Денот на македонската полиција, 7 Мај

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Куманово по повод 7 Мај – Ден на полицијата, изминатиот викенд, како и целата седмица реализираа повеќе активности. Во саботата  беше одржан  турнир во одбојка во женска конкуренција помеѓу екипи од основните училишта од општина Куманово, а во соработка со Општинскиот сојуз на училишни спортови Куманово, во рамки на превентивната кампања од насилство во спортот и едуцирање на младите за примерно однесување на спортски натпревари. Вчера пак, токму на Денот на полицијата, во Здружението на армиско- полициски ветерани беше одигран шаховски турнир помеѓу екипи од Здружението на армиско полициски ветерани, Здружението на пензионери, Шаховски клуб Куманово, СВР Куманово и претставници од Секторот за образование.

Инаку, на државно ниво, Денот на македонската полиција беше одбележан со централна прослава во Охрид.

„Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан во друштво на 36-те најбезбедни земји во светот. Тоа се наши заеднички резултати“, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неговиот говор на централната прослава. Во однос на резултатите, Спасовски сподели статистички податоци со кои минатата 2022 година била завршена со шест отсто помал криминалитет во споредба со една година претходно. Позитивниот тренд, посочи тој, продолжил и годинава, па во првите четири месеци од 2023 вкупниот криминалитет е намален за 12,6 отсто во однос на истиот период лани.

„Со задоволство можам да констатирам дека минатата година ја завршивме со шест отсто намалување на вкупниот криминалитет, а откривачката функција на кривичните дела од организиран криминал бележи зголемување од 40 отсто. Дури 70 отсто е зголемувањето на откриените дела поврзани со шверцување мигранти, а зголемување за над 30 отсто имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Запленивме над 2,4 тони дрога, како и 20 тони најразлични прекурсори, сузбиени се 15 криминални групи, од кои дури 12 делувале во областа на недозволената трговија со дрога. Спречени се вкупно осум меѓународни транспорти на марихуана, кокаин и хероин“, рече Спасовски.

Според министерот Спасовски, во тек се осум национални и 12 локални оперативни акции од областа на класичниот и сериозниот криминал, а во моментов се постапува по 244 криминалистички истражувања.

 

Коментари

коментар(и)