Училиштето „11 Октомври“ е едно од десетте основни училишта во Куманово кои се реконструираат од почетокот на учебната година. Ова училиште наскоро ќе добие целосно нов изглед и реновирана училишна спортска сала со средства од министерството за образование и наука.
-Моментално се работи на надворешниот дел, на фасадата, при крај сме и очекуваме за месец – два зависно од временските услови бидејќи се работи надвор, дека комплетно ќе биде завршена фасадата од надворешната страна, значи цоклата уште останува и уште некои ситни работи и потоа ќе ни преостане уште училишната сала да се реновира за да биде комплетно реновирано училиштето, изјави Елизабета Костадиновска- Костиќ, директор на ООУ „11 Октомври“
„11 Октомври” работи од 1964-та година во централното градско подрачје. Особена карактеристика, по која училиштето се разликува од останатите во градот е тоа што отсекогаш во неговиот состав имало ученици од најразлични етнички и културни заедници. Освен во централното, настава се изведува и во две подрачни училишта, во Долно Којнаре и Речица, од прво до петто одделение.

Целосно нов изглед во наредниот период ќе добијат и основните училишта „Вук Караџиќ“, „Толи Зордумис“, „Христијан Карпош“ и „Браќа Рибар“ , односно и овие основни училишта ќе добијат енергетски ефикасни фасади од повикот на МОН за реконструкција на 145 фасади.
Инаку, во кумановските училишта инвестираат и општина Куманово и МОН. Од страна на МОН до сите општински основни училишта доставен е мебел и опрема за кабинетите по природни науки, како и 660 смарт уреди (таблети) за ученици кои потекнуваат од социјално ранливите категории. Дополнително од страна на Општина Куманово е инвестирано во набавка на училиштен мебел и ИТ опрема.
„Дополнително од страна на општина Куманово е изготвен основен проект за повеќе училишта и со истите имаме аплицирано на последниот повик за изградба и реконструкција на основните и средните училишта од страна на МОН“, информираше неодамна раководителот на Секторот за образование, Александар Јовановиќ.
Видеото по вестите во 18 часот.