Локалниот економско социјален совет на Куманово ја одржа првата средба за тековната година, соопштија надлежните. На средбата се промовираа активности реализирани во изминатата година и воедно се дискутираше за програмски цели и приоритетни активности на ЛЕСС-Куманово за 2023 година. Претседавачот на локалниот економско -социјален совет, Најден Бајдевски кажа дека годинава е планирано во советот да се зачленат нови претставници од различни институции, установи и од бизнис заедницата.
-Како и лани и годинава ќе посветиме внимание на промовирање на одредени информации и достапност за користење на фондови за домашните локални компании. Приоритет останува намалување на ефектите од економско-енергетската криза преку користење на обновливи извори на енергија, фотоволтаици, ветерници. Важно е и компаниите да имаат можност да искористат и фондови кои значително помагаат за развој на производството, а со тоа и намалување на невработеноста, изјави Бајдевски.
Тој најави дека ќе се одржат повеќе средби со претставници од локалната бизнис заедницата и годинава за сите теми за кои покажуваат интерес. Координаторот на ЛЕСС, Ахмет Јашаревски од општина Куманово изјави дека приоритет годинава останува намалување на невработеноста пред сè на младите.
– Со оглед дека некои има недостаток на одредени профили во градот, планираме средби со различни институции кои можат да понудат предлози за доквалификација или преквалификација на одредени струки како што се од градежна, угостителска дејност, одредени занаетчиски дејности кои се дефицитарни, изјави Јашаревски.
ЛЕСС функционира како консултативно и советодавно тело во кое членуваат претставници од: Општина Куманово, организација на работодавци на Македонија, Сојузот на синдикати на Македонија, РСС Куманово, Агенција за вработување на Република Северна Македонија – Центар за вработување Куманово, ЈУ меѓуопштински центар за социјални работи како и здруженија на граѓани.
Видеото по вестите во 18 часот.