Со свечена академија под мотото „Ние гледаме луѓе“, општинската организација на Црвен крст Куманово одбележа 80 години од основањето на хуманитарната организација во Македонија.
Генералниот секретар на Црвен крст на РСМ, д-р Саит Саити потенцираше дека токму Црвениот крст на Македонија е директен сведок на развојот на државата, бидејќи организацијата започнала да работи во 1945 година.
-Црвениот крст е една од водечките хуманитарни организации во Македонија која секојдневно работи на подобрување на животниот стандард на луѓето – рече д-р Саити.
Дисеминација, социјално хуманитарна дејност, здравствено превентивна дејност, подготвителност и дејствување при катастрофи, Клубот на млади се дејностите на Црвен крст Куманово. Клубот е формиран во 2003- та година и успешно функционира веќе 22 години. Младите од клубот се носители на голем број активности како што се: собирни акции, обуки по прва помош, ораторска вечер, летно кино, превенција од топлотен бран, врснички едукации.
„Во Куманово имаме голем број на волонтери, што ја потврдува важноста на нашата работа“, кажа д-р Нухи Јусуфи, претседател на општинската организација на Црвен крст Куманово.
-Нашата организација е една од најголемите во Македонија и имаме одлична соработка со локалните самоуправи во Куманово, Липково и Старо Нагоричане. Сега подготвуваме еден нов проект – Центар за активно стареење за лица во зрела возраст во Куманово што дополнително ќе ја зголеми помошта за најранливите групи во општеството – рече д-р Јусуфи.
Јубилејни признанија за повеќегодишна соработка и поддршка на активностите на Црвениот крст им беа доделени на општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково.
Од општина Куманово пред присутните се обрати Емилија Сларидис Јаневска, секретар на општина Куманово.
-Вечерашнава свечена академија на Црвен крст на РСМ е значајна за сите граѓани на нашата општина. Јубилејот од 80 години е историски показател за солидарноста на жителите на Куманово, симбол на сплотеноста низ сите кризни ситуации, воени услови, пандемии, елементрани непогоди. Во изминатите години многу генерации се дел од бројните активности на оваа хумана институција. Сите граѓани се заслужни за овој јубилеј, истакна Емилија Сларидис Јаневска, секретар на општина Куманово
Свеченоста беше збогатена со музички точки од ученици и наставници од основното музичко училиште „Панче Пешев“ и со танцов настап на членки на „Dance studio Ultra“.
Централната прослава по повод јубилејот на Црвен крст на Република Северна Македонија ќе се одржи на 17 март во Скопје.