(ВИДЕО)14 милиони денари општински пари за културните настани годинава

Со 14 милиони денари општина Куманово годинава ќе ги поддржи културните манифестации што ќе се организираат во градот. Според раководителот на Одделението за култура при општина Куманово, Цоки Ристовски општината изминатите години финансиски поддржува околу 80  културни настани, меѓу кои има и традиционални за кои секоја година се одвојуваат средства од општинскиот буџет. Финансиските средства планирани во буџетот на Општина Куманово согласно Програмата за културни манифестации ќе бидат распределени на јавен повик со јасни и прецизни критериуми за прераспределба на средствата, со што ќе биде целосно запазено буџетското начело за транспарентност, а на истиот јавен повик можат да се пријават здруженија на граѓани и фондации.

-Оваа година ќе одиме со јавен повик кој што најверојатно ќе се објави до крајот на јануари или почетокот на февруари месец, ќе имаме повик до сите здруженија, односно културни манифестации кои што сакаат да влезат во годишната програма, да аплицираат, да поднесат барања и врз основа на комисијата која што ќе ги разгледа нивните барања ќе одлучи која манифестација со колку финансиски средства ќе учествува. Искуствата од претходните години покажуваат дека ние поддржуваме културни манифестации помеѓу 70 и 80 од кои што некои се пообемни, поголеми манифестации, кои што барааат поголема организација и поголеми финансиски средства и некои културни манифестации или одбележување на настани и личности кои што се од помал обем и не бараат толку многу финансиски средства, изјави Цоки Ристовски, раководител на Одделение за култура, спорт, социјална и детска заштита

Од општина Куманово посочуваат дека при изготвување на Годишната програма се води сметка за правична застапеност на етничките заедници.

-Во изминатите петнаесетина години колку што јас сум раководител на Одделението за култура и ги поддржуваме културните манифестации традиционално гледаме да ги застапиме сите етнички заедници и верски празници. Најверојатно и оваа година кога комисијата ќе одлучува ќе ги има овие работи в предвид, изјави Цоки Ристовски, раководител на Одделение за култура

Детскиот ликовен камп „АСНОМ”, маскенбалот „Батко Ѓорѓија”, одбележувањето на 11 Октомври, 11 Ноември, фолклорната смотра, одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа,  Денот на независноста на РСМ и многу други настан,  се само дел од проектите во кои се вклучени сите етнички заедници, деца и младинци од секое општинско училиште и културно- уметнички друштва.

 

Коментари

коментар(и)