ВМРО ДПМНЕ: „Пазаришта“ е во загуба , а донира

Како е можно претпријатие кое што во континуитет неколку години работи со загуба во Програмата за работа за наредната година да предвидува околу 200.000 денари  за донации и околу 500.000 денари за спонзорства и каде се потрошени парите ? – беше прашањето на  кое што советниците од опозицијата во советот на општина Куманово побараа одговор од директорот на „Пазаришта“ Илир Саити . На денешната седница советниците расправаа за финансискиот извештај на ова претпријатие за периодот јули-септември 2016 -та година и за програмата за работа на Пазаришта за наредната година.

Директорот на „Пазаришта “ тврди дека трошоците за донации и спонзорства за 2017 година се намалени во споредба со претходните години , а за тоа каде е донирано годинава, рече дека писмено ќе го извести советникот Петковски. Советниците од ДУИ сметаат дека претпријатието работи со загуба од причина што не добивало ниту денар од општина Куманово , а заради слабата економска моќ на граѓаните „Пазаришта“  не можело веќе долго време да ги издаде под закуп деловните објекти.

Претседателот на советот, Максим Димитриевски во своето излагање  задржувајќи се на изгледот на двата зелени пазара, но и добиточниот во Долно Којнаре, рече дека даваат општа лоша слика за градот, особено тезгите кои што се поставуваат нелегално на тротоарите, а според него, најчесто од пазарџиите кои што веќе имаат закупено тезга внатре во пазарот. Димитриевски смета дека проблемот со узурпирањето на јавно -прометните површини може да се спречи со заедничка акција на Пазаришта, полицијата и инспекциските служби, а како што посочи и хигиената на пазарите треба да биде на повисоко ниво.

Финансискиот извештај на „Пазаришта“, како и програмата за работа за наредната година беа усвоени со 17 гласови „за“ .

Коментари

коментар(и)