Во тек е повикот за Практиканство

Агенцијата за вработување на Македонија вчера објави јавен повик за активна мерка Практиканство. Според огласот, невработените лица до 34 години евидентирани во агенцијата со минимум завршено основно образование кои немаат работно искуство согласно образованието и се заинтересирани да се вклучат во мерката Практикантство за период до 3 (три) месеци кај работодавачите заради стекнување на одредени практични знаења и вештини, треба да се пријават во работните клубови на центрите за вработување, секој работен ден од 09, 00 до 14,00 часот.

За секој кандидат кој ќе биде избран и вклучен во мерката Практикантство, се предвидува финансиска поддршка во износ од 9.000 денари месечно   (со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход)  за периодот за кој се извршува практичната обука. Заинтересираните невработени лица за учество во мерката можат да аплицираат се до исполнување на предвидениот опфат на корисници, стои во јавниот повик.  

Што се однесува до програмата поддршка за самовработување, односно претприемништво, невработените лица можат да го решат својот проблем на вработување преку отворање сопствен бизнис, информира раководителот на Центарот за вработување во Куманово, Марија Димитријевска. 

-Во центарот за вработување во Куманово аплицираа 116 лица за учество во оваа програма од кои што 82 лица веќе ги завршија обуките за претпримништво. Од овие 82 лица, 10 обуки се финансирани од страна на УНОПС , а останатите 82 од буџетот на АВРМ. Од овие 82 лица, 34 се млади лица до 29 години што покажува дека постои доста голем интерес кај младите својата невработеност да ја решат преку започнување сопствен бизнис, да бидат претприемачи, изјави  Марија Димитријевска, раководител на Центар за вработување Куманово  

Според Димитријевска, голем интерес имало и за програмата 2, поддршка за креирање на нови работни места, односно за мерките  субвенционирање на плати и вработување и раст на правни субјекти.

– Во овие мерки станува збор за директни вработувања на невработените лица. Преку субвенционирање на плати каде што се даваше директен грант на работодавачите доколку вработат лица од редот на евиденцијата на невработените лица, оваа мерка ја искористија 52 работодавачи, 52 ново креирани работни места преку оваа мерка од кои што 23 лица се млади до 29 годишна возраст. Исто така доста голем интерес постоеше и за мерката финансиска поддршка за создавање на нови работни места. Преку оваа мерка се креирани 26 нови работни места од кои што 20 лица се млади до 29 години, изјави Димитријевска. 

Оперативниот план генерално е поделен на шест програми. По успешната реализација на оперативниот план за 2018-та годфина од 95 проценти, оваа година за планот е предвиден буџет во износ од 1,1 милијарда денари, посочуваат надлежните.

Коментари

коментар(и)