(ВИДЕО) Голем интерес за мерките на Агенцијата за вработување

Од денеска активни се огласите за мерката Обука за стручни квалификации според барања на работодавачите, како и за Стручни обуки според барања на работодавачите, информираа надлежните од Центарот за вработување во Куманово. Според раководителката Марија Димитријевска, согласно Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за годинава, во тек се и други огласи , како што е за напредни ИТ вештини, но и огласи за Субвенција на плати и за мерката Обука кај познат работодавач преку ИПА програмата.

-Во тек е огласот за напредни ИТ вештини. Тука се опфатени програмите кои што се однесуваат на делот на управувањето со бази на податоци, програмски јазици, програмски пакети, обуки за дигитален маркетинг, за графички дизајн. Сакам да ја искористам оваа прилика да ги повикам младите невработени лица до 34 годишна возраст кои што сакаат да стекнат или да ги надополнат своите знаења од областа на информациските технологии да дојдат во центарот за вработување да поднесат пријава за учество во оваа мерка. Ова е начин тие да станат поконкурентни на пазарот на трудот затоа што свесни сме сите дека познавањата, вештините од областа на ИТ технологијата  се доста барани во моментот на пазарот на труд. Во тек е и огласот за Субвенција на плати преку ИПА програмата. Целна група на оваа програма е вработување на лица кои што користат гарантирана минимална помош. Исто така преку ИПА програмата е отворен се уште огласот и за мерката Обука кај познат работодавач…  изјави Марија Димитријевска, раководител на Центар за вработување Куманово

Со оглед на ковид кризата, годинава имаше голем интерес за објавените мерки во март месец кои со огласи беа реобјавени минатиот месец, посочуваат надлежните, додавајќи дека сепак за невработените кумановци се уште најатрактивна мерка е Самовработување со грант.

– Најголем интерес имаше за мерката Самовработување со грант. Имаме 298 апликации за оваа програма, огласот е затворен минатиот петок. Голем интерес имаше и за мерката Практиканство –  175 пријави, доста голем интерес имаше и за мерката Субвенција на плати, односно 132 работодавачи изразија интерес за учество во оваа мерка, изјави Димитријевска.

Надлежните потсетуваат дека за време на учеството на невработените лица  во програмите и мерките за подготовка за вработување, работно ангажирање и економија на грижа, истите ги користат и стекнатите права од социјална заштита и правата по основ на невработеност. Правото за учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја пооделна програма, како и врз основа на основни принципи кои треба да се почитуваат при имплементацијата на програмите, односно справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на трудот и вработеноста, предизивикани од пандемијата на ковид -19, принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно правичната и адекватна застапеност, како и поттикнување на рамномерен регионален развој.

Коментари

коментар(и)