Филмот „Мојот син” од авторот Маријан Стевановски од Куманово освои Гран при на Интернационалниот фестивал за краткометражни филмови „Камера 300“ и плакета Милтон Манаки за најдобар филм на фестивалот. Наградата е освоена во конкуренција од 92 филма од целиот свет на фестивалот во Битола.
„ Оваа за мене не е само филмска награда. Ова е признание за еден живот, за една љубов, за еден талент што прерано замина, но остави неизбришливи траги во срцата на сите што го познаваа. Филмот „МОЈОТ СИН“ е создаден од најдлабоките чувства на еден татко: од љубовта, болката, сеќавањата и непресушната желба споменот за мојот Филип да продолжи да живее. Благодарност до жири-комисијата и организаторите на фестивалот за ова високо признание, како и до сите што придонесоа овој филм да ја види светлината на денот. Посебна и искрена благодарност до нараторот, извонредниот актер Илија Волчески кој со својот глас, искреност и длабока емотивност им даде посебна сила на зборовите и чувствата. Посебна неизмерна благодарност до мојата сопруга Снежана, која заедно со мене ја носи најтешката болка што може да ја почувствува еден родител. Мојата ќерка Кристина, која со својата љубов и поддршка ни дава сила да продолжиме понатаму. Сопругата на Филип Ирена, која ги чува љубовта и спомените за него и до нашата најмила Лора, ќеркичката на Филип, во чии очиња, насмевка и постоење продолжува да живее дел од него. Филипе, наградата е посветена на тебе! Горд сум на тебе но и многу тажен сине мој. Засекогаш!“, истакна Стевановски.

На истиот фестивал, „Бронзена камера 300“ освои филмот „Кумство, вера и духовна визија“ од авторот Надица Петковиќ, советник етнолог во НУ Музеј Куманово.
Филмот ја обработува духовната култура на народот во кумановско, поточно се работи за кумство во црква и народните обичаи кои се поврзани со самиот ритуал.