Граѓански собир се одржа вчеравечер во Куманово за поддршка на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани и како револт, како што велат кумановци, против корумпираниот систем.
Младинци, основци, средношколци, наставници, граѓани се собраа синоќа на градскиот плоштад уште еднаш да оддадат почит на загинатите во пожарот и да ги поддржат семејствата на настраданите и на повредените.
Со транспаренти во рацете и гласно извикувајќи „Правда за Кочани“ младите продефилираа низ централното градско подрачје, почнувајќи од градскиот плоштад преку улицата „Гоце Делчев“, булеварот „Трета МУБ“, улиците „Народна револуција“, „Ленинова“, „11 Октомври“ и на крајот, собирот заврши повторно на градскиот плоштад.
Синоќешниот собир на граѓани, кој од плоштадот заврши на улиците не бил пријавен во Секторот за внатрешни работи Куманово.
Целото време, околу два часа, додека граѓаните се движеа по кумановските улици, полициски службеници од СВР Куманово го обезбедуваа не најавениот протест на граѓани и го регулираа и пренасочуваа сообраќајот во зависност од тоа каде се движеше толпата граѓани.
„Партиите да не ги злоупотребуваат овие граѓански не партиски собири и протести“, порачаа дел од младите кои што излегоа да дадат безрезервна поддршка на семејствата на жртвите од ужасниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март годинава. Трагедија во која што 59 млади животи згаснаа за само неколку минути, а околу 200 се повредени и се лекуваат во болниците во државава и во странство.
Повикот за синоќешниот собир на граѓани на плоштадите во градовите во Македонија во 18 часот се споделуваше на социјалните мрежи од граѓанската иницијатива Кој е следен?.