Девојче падна од трети кат од зграда

Со тешки телесни повреди се здоби дванаесетгодишно девојче од Куманово кое што паднало од прозорец од третиот кат во зградата во која што живее. Ова се случило изминатата сабота околу 18 часот на улицата „4 јули“ , на излезот од Куманово. Со набиен граден кош и скршеница на десната нога, несреќното девојче , по укажаната прва помош било префрлено на Детска хирургија во скопскиот Ургентен центар, информира МВР.

Според соседите кои што не сакаат јавно да говорат за ова, станува збор за несреќен случај. Како што тврдат тие, девојчето се обидело на седне на прозорецот бидејќи станот во кој што живее е без балкон, но најверојатно изгубило рамнотежа. Среќа во несреќа е што жици за алишта на вториот кат од зградата го ублажиле нејзиниот пад од прозорецот и што не паднала директно на глава. Девојчето со гипс на ногата денеска е пуштено на домашно лекување.

 Кумановската полиција се уште работи на расчистување на случајот .

Во меѓувреме, полицијата поднесе кривична пријава против 19 годишна кумановка за убиство на дете при породување. Несовесната мајка на 18 август летово откако добила породилни болки, се затворила во бањата  во семејниот дом во Матејче, самата се породила  и   живото  женско дете прво го ставила во корпа за отпадоци а потоа го фрлила во река што поминувала  зад нејзината куќа. Од страна на полициски службеници бил извршен увид на местото на настанот, а од извршениот претрес било пронајдено мртвото новороденче.

 

Коментари

коментар(и)