„Дедо Мраз на мотор“ по 11-ти пат во Куманово

Мото клуб „Мечки“ годинава по единаесетти пат ја организираше хуманитарната манифестација „Дедо Мраз на мотор“. Стотина моторџии од Куманово и други градови  маскирани во Дедо Мраз денеска ја внесоа новогодишната магија во дневниот центар за лицата со посебни потреби. Точно напладне членовите на мото клуб Мечки организирано се упатија кон дневниот центар да им подарат новогодишни пакетчиња на корисниците на услугите на дневниот центар кој е под надлежност на МТСП, лоциран кај градинката Буба Мара во близина на поранешната фабрика „Чик“.

Претходно, моторџиите  подарија новогодишни подароци, слатки и играчки за децата кои беа присутни на градскиот плоштад. Средствата за оваа донација ги собрале членовите на Мото клубот и нивни пријатели.

-Ова е момент кога сите треба да бидеме барем на некој момент среќни, да измамиме насмевка како кај луѓето на плоштадот , така и на сите деца што се тука. Вака облечени како Дедо мразовци сакаме да направиме една промена во градот во пресрет на празниците. Повеќето деца се радуваат , некои од нив се плашат, но се плашат од звукот на моторот, кои не се навикнати, а повеќето се радуваат и едвај чекаат да не видат секоја наредна година,  изјави Виктор Михајловски, член на Мото клуб „Мечки “

Членовите на „ Мечки “ се мотоциклисти ентузијасти, кои се стремат мото културата да ја  искачат на повисоко ниво, токму  преку хуманите  дела. Клубот функционира од 2008-та година.  

Коментари

коментар(и)