„Вирусот ковид 19 не бира етничка припадност, туку ги напаѓа сите граѓани“, посочува градоначалникот Максим Димитриевски. За да се намали ширењето на корона вирусот, вели Димитриевски, граѓаните треба да ги почитуваат пропишаните мерки и здравствените протоколи од надлежните органи, а не, како што е забележливо на повеќе локации во градот, особено кај зелените паркови, детските катчиња, институциите каде што се врши исплата на плати, пензии, социјална помош, дел од граѓаните не држат физичка дистанца, па дури и не користат заштитна маска. Димитриевски со апел до кумановци сериозно да ја сфатат болеста која што навидум е невидлива, но, секако дека постои и напаѓа се повеќе.
-И покрај сите апели од наша страна гледам дека не се почитуваат ковид мерките, истите тие апели кои што ги има секојдневно Владата , Комисијата за заразни болести се пренесуваат и од страна на локалните власти и локалните институции, но сепак гледам дека има се уште несвесни граѓани кои што сметаат дека ковид кризата или ковид вирусот не е вистинит, а најдобро можат да посведочат за ковид болеста токму оние лица кои што поминале како симптоматски случаи во оваа постапка и борбата против оваа епидемија, така што повторно апелирам до сите граѓани да ги избегнуваат масовните собири и групирања, да не се движат во групи, да држат дистанца, бидејќи тоа е најдобрата превенција. По однос на вклучување на локалните авторитети , да, тие се веќе вклучени, но, за жал, се уште нема поефективен резултат. Министерството за внатрешни работи не брифираше дека има поднесено голем број на прекршочни казни , односно санкционирани се голем број граѓани по однос на неносење на заштитна маска и функционирање во групи, но сепак тоа е до свеста на нас самите, на нас граѓаните и доколку не се подосвестиме ќе имаме уште поголеми последици по однос на колективното здравје на сите, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.
Дека ковид вирусот сериозно зема замав потврдуваат и вчерашните рекордни 100 новозаболени кумановци за едно деноноќие. Ова е најголема бројка на нови позитивни случаи во еден ден од почетокот на пандемијата и рекордни 26 починати лица на ниво на државата како последица на компликации од ковид 19.