Европски денови за борба против меланом

Европските денови за борба против меланом се одбележуваат со бесплатни прегледи на кожата од први до трети јуни во сите дематолошки ординации во градот. „Сите луѓе имаат пигментирани дамки на кожата кои се бенигни но сепак треба да се внимава на нив, бидејќи секоја дамка може да се промени и да стане опасна“ – потенцираат од одделот за кожно-венерични болести при општата болница во Куманово. Од таму посочуваат дека од меланом или малигнен тумор на кожата највеќе страдаат земјоделците и градежните работници кои се редовно изложени на штетните сончеви влијанија.

-Граѓаните доаѓаат на прегледи и свеста е на повисоко ниво за разлика од порано меѓутоа во овие три дена немаме поголем одзив кога им нудиме бесплатни прегледи. Секоја дамка треба да помине кај дерматологот на преглед, ние ги гледаме на дерматоскоп, правиме анализа и имаме посебни шеми и знаци кои ни укажуваат на тоа дека самата дамка може да биде меланом, вели Лилјана Пандиловска, дерматовенеролог.

Дерматолозите препорачуваат пред секое изложување на сонце да се нанесе соодветен крем за сончање со заштитен фактор. Оваа препорака важи посебно за децата кај кои  меланомот може да се појави од најрана возраст, а се манифестира подоцна бидејќи кожата памети. Солариумот пак, претставува  ув радијација кој освен меланом на кожата предизвикаува и забрзано стареење и сушење на кожата.

-Појавата на рак на кожата е во пораст затоа се и овие денови во кои пациентите може бесплатно да се прегледаат. Времето ни е многу важно доколу се открие на време и се отстрани пациенот ќе си остане здрав доколку помине време тогаш може да биде еден од најфаталните канцерогени заболувања, објаснува Пандиловска.

Од одделот за кожно-венерични болести апелираат граѓаните да ги искористат деновите во кои се нудат бесплатни услуги и секој кој има или нема проблем со кожата да дојде и да направи преглед. Од таму потенцираат дека барем еднаш годишно секој треба да направи дерматолошка контрола.

Коментари

коментар(и)