Екстерното ќе почнува од шесто одделение

Во свидетелствата за учениците ќе се воведе додаток во кој што ќе се наоѓаат резултатите од екстерното тестирање, а не како што беше до сега резултатите од екстерното тестирање да се во рамките на свидетелството. Oваа новина ја изгласаа пратениците во рамките на измените и дополнувањата на Законот за основно образовани и Законот за средно образование.

Според надлежните, со самото воведување на овој додаток, истовремено се воведува уште една измена со која што резултатот од екстерното тестирање на учениците како додаток нема да влегува во конечниот успех на ученикот, односно тој нема да влијае на просекот на успехот од оценките во свидетелството на ученикот. Токму со овие измени се решаваат недоразбирањата кои што настанаа во јавноста околу оценката недоволен (1) во свидетелството, која што претходно влијаеше во општиот успех на ученикот. Дополнително, резултатите од екстерното тестирање во средното образование, иако нема да влегуваат во општиот успех на ученикот, сепак тие ќе влијаат при упис на ученикот на факултет, односно резултатите од екстерното тестирање во основното образование ќе влијаат при упис на ученикот во средно образование , појаснуваат надлежните.

Втора клучна измена во Законот за основно образование е промената на започнување на процесот на екстерно тестирање, односно наместо екстерното тестирање да започне од 4-то одделение, како што беше досега, ќе започне да се применува од 6-то одделние.

Што се однесува до екстерното тестирање, се предвидува набљудувачите да се избираат на јавен конкурс.
Измените исто така предвидуваат и парични награди во износ од 50%, 40% и 30% од просечната нето плата во Република Македонија која што ќе ја доделува Министерството за образование и наука и тоа: 50 % од просечната нето плата, за освоено прво место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки за ученикот и наставникот кој што го подготвувал ученикот за натпреварот; 40 % од просечната нето плата, за освоено второ место на ист таков натпревар и 30 % од просечната нето плата, за освоено трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки за ученикот и наставникот кој што го подготвувал ученикот за натпреварот.

Екстерното тестирање беше воведено во учебната 2012/2013 за да се провери објективноста на наставниците при вреднувањето на успехот на учениците.

Инаку, според објавените резултати од екстерното тестирање  на учениците од 4-то одделение во основното образование до 3-та година во средно образование кои што беа тестирани од 2 до 10 јуни годинава на ниво на државата просечната оценка на постигнувањата на учениците е 3,26 , малку послаба од минатата година кога изнесуваше 3,6.

Според податоците од Државниот испитен центар и годинава гимназијата гоце делчев се најде меѓу првите десет средни училишта кои што имаат највисоки постигнувања, односно на петто место со просечна оценка  од 3,82.

Коментари

коментар(и)