Завршија ископувањата на локалитетот Градиште

Со финансиска поддршка од министерството за култура, стручните екипи од Музејот во Куманово, под координација на Управата за заштита на културното наследство, три години по ред работат на ископувања на локалитетот Градиште во  селото Младо Нагоричане. Деновиве завршија истражувањата предвидени за оваа година. На повеќеслојното наоѓалиште досега се откриени делови од градби, меѓу кои особено се значајни остатоците од градбата кои најверојатно припаѓале на луксузна резиденција или палата, која датира од 4 век пр. н.е., чии ѕидови биле премачкани со боен малтер. Пронајдени се и богата декоративна камена пластика и капител од јонски столбови. Поради значајните наоди, археолозите претпоставуваат дека се работи за палата на локален пајонски владетел.

-Од следењата овие три години излегува дека ова е најсеверниот високо цивилизиран односно најстар цивилизиран град на територијата на РМ, најсеверен значи нешто е малку помал од Вила зора што се копа кај селото Кнежје меѓутоа факт е дека на ова место како кај Кнежје се откриени  на пример дурскиот стил на архитектурата,  а тука излегува оваа трета година по ред јонскиот стил, мислам дека никаде во РМ нема јонски стил во архитектурата, изјави Виктор Лилчиќ, директор на Управа за заштита на културно наследство.

Втор ваков репрезентативен oбјект што е откриен во РМ  е локалитетот кај селото Кнежје , посочуваат надлежните.

– Откриваме значајни остатоци од архитектура карактеристична за четвриот век пред новата ера меѓутоа карактеристично за македонски кралски градови за Пела, за Вергина така што ова е едно големо изненадување и голем резултат на македонската археологија што вака далеку на периферијата од кралска Македонија во пајонска територија наидуваме на вакви архитектонски остатоци., јонски капители, бази, фантастично изделкани делови од камена архитектура , изјави археолог.

Локалитетот Градиште во  Младо Нагоричане е откриен пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал, увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитот, железното време, раната антика и хеленизмот.

Коментари

коментар(и)