Во организација на здружението за уметност, култура и заштита на културното наследство – „Етно ризница” Куманово вчеравечер на градскиот плоштад се одржа 14 издание на фестивалот на народна хумористична песна „Тумба фест 2026”. Кумановската публика имаше можност да проследи 16 фестивалски песни, напишани на повеќе дијалекти од македонско и српско подрачје, во изведба на музички уметници од Македонија, Србија и Германија: Ленче Кукиќ, Ташко Каранфиловски и „Астра бенд”, Нино Величковски, Катерина Мицанова, Марјан Драгиќ, Катерина Брезева и „Соната”, Матео Шваст, „Савршен дан”, Боби Амадеус и Татјана Јовановска, Василија Петрова, Јованка ЈО, Круме Спасовски и Владо Дојчиновски, Виктор Димитриевски, Борче Наумовски – Министерот, Мишко Микеле Србиновски, Кире Науновски, Сашо Трајковски и Вукица Челебиева. Фестивалот е поддржан од Фондацијата за култура и спорт и Општината.
На сите учесници и покровители им беа доделени благодарници за нивната посветеност, поддршка и учество на манифестацијата, а наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала му припадна на Раде Младеновски, за песната „Ракија”, композиција потпишана од Ристо Самарџиев и Цане Петров.
Наградата за трајни вредности заврши во рацете на Ленче Кукиќ, за популаризација на македонската народна песна и за промоција на фестивалот со реноме, „Тумба фест”.