Запишани помалку првачиња од лани

364 деца се уште не се запишани во прво одделение и покрај тоа што фигурираат во списоците кои што надлежните органи ги имаат доставено до кумановските основни училишта. Од Секторот за образование очекуваат дека бројката ќе се намали со оглед на тоа што запишувањето на учениците трае до почетокот на учебната година, а во изолирани случаи и после тоа. Дел од причините за намалување на бројката на првачињата се отселувањето на населението од градот или пак промената на местото на живеење.  Годинава се запишуваат децата што се родени во 2009-та година, информираат од Секторот за образование.

-Многу тешко се доаѓа до вистински податоци за причините зошто тие деца не се запишани,  нормално училиштата согласно о законот се должни сите оние деца кои се реонски предвидени да се запишат во нивните училишта, а не се појавиле или не се запишани за тоа да го известат Државниот просветен инспекторат кој е надлежен понатаму да постапува во однос на откривање на причините зошто не се запишани и да предложат и соодветни санкции предвидени со законот за основно образование, изјави Жика Крстевски, раководител на Сектор за образование.

Од вкупно 1.581 дете колку што треба да тргнат во прво одделение, 668 се Македонци, 293 Албанци, Срби  44,  Роми 23 и 26 првачиња од другите националности. Досега  се запишани вкупно  1.151 ученици . Според податоците, во населбите Перо Чичо, Карпош,  Гоце Делчев за разлика од минатите години се зголемува бројот на запишани  деца во прво одделение, но и има и училишта каде што бројката се намалува.

-Кочо Рацин има добра бројка, Бајрам Шабани и Наим Фрашери, во Толи Зордумис имаме многу помал број запишани дечиња кои треба да следат настава на албански наставен јазик, и на македонскиот,  но и на албанскиот. Има помалку запишани дечиња од она што очекуваме дека треба по списоците да се запишат. Најконкретни податоци ќе имаме во почетокот на септември, изјави Крстевски.

Кога станува збор за подрачните училишта во руралните средини во најголем број случаи училиштата го задржуваат во континуитет бројот на запишани правчиња . Ова се однесува на училиштата во Пчиња, Студена Бара, Клечовце,Љубодраг. Но , ова не е случај со училиштето во Умин Дол каде што годинава споредбено со лани недостасуваат десетина првачиња, од причина што неколку семејства се отселиле во странство во трка за подобра егзистенција.

Коментари

коментар(и)