Затворениот базен подготвен за сезоната

Затворениот градски базен е подготвен за претстојната сезона, информираа надлежните од ЈП „Чистота и зеленило“ под чии ингеренции е спортскиот објект. Услугите на затворениот градски базен како и досега ќе ги користат учениците, но и рекреативци како и неколкуте приватни школи за пливање.

-Испуштена и заменета е водата во базенот, достигната е потребната температура и извршени се санирања на одредени елементи во базенот. Ги поканувам и рекреативците и сите кои се заинтересирани  да уживаат и да спортуваат во базенот, изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“

Билетот за еден час користење останува исто како и претходната година, 100 денари. И годинава останува обврската за потребни одредени реквизити за капење. Во наредниот период, ќе се утврдат термините за користење на базенот од страна на основците и средношколците.

Стојчевски информираше дека летово се продадени за една третина помалку  билети на отворениот градски базен.

– Изминатата сезона продадовме околу 9.000, а минатата година имаше околу 15.000 продадени билети. Ова се должи на врнежливото време и пониските темпертаури со кои се карактеризираше летото, изјави Стојчевски.

Бидејќи најчестите посетители се најмладите, сезоната на отворениот базен  официјално завршува со стартот на учебната година, потенцираат надлежните.

Коментари

коментар(и)