Студеното време го преполови пазарот во Куманово. Поради студот и снегот деновиве на зелениот пазар се помалку тезги и послаба понуда на производи, а бројот на купувачите е сведен на нула. Пазарџиите и граѓаните со години бараат подобрување на условите на зелениот пазар.
Изградба на затворен градски пазар и подобрување на хигиенските услови е она што им е најпотребно на пазарџиите кои што имаат закупено тезга и секој ден се на пазарот.
Ленка Мариновска од село Љубодраг речиси 40 години е на пазарот и е регистриран земјоделец, но смета дека под итно условите треба да се подобрат бидејќи закупнината што ја плаќаат за тезга воопшто не е евтина, а за возврат не добиваат ништо, само болест од студот.
-Хигиената е на прво место, пазарите не се средени, не се исчистени. Кога се реновираа тоалетите наместо за две недели, тие се правеа два месеца. Закупнина за тезга е околу 2500 денари. Летоска сме на плус 40 степени, нема изолација, нема ништо, нема ни осветлување. Пазарот не е исперен со вода десет години, кога немавме покрив тезгите секое утро беа чистени , сега не се перат. Хигиената е на ниско ниво, има една чешма има за цел пазар. Ѓубрето три дена не се собира, изјави Ленка Мариновска од с. Љубодраг
Пазарџиите со поплаки дека при вакви временски услови прометот е слаб, производите тешко се транспортираат , а овошјето и зеленчукот лесно можат да замрзнат. Кога пазарот би бил затворен би било потопло внатре, продуктите не би замрзнувале и граѓаните наместо во маркетите, свежо овошје и зеленчук би купувале на пазар.
-Робата слабо оди, народот нема пари, ниски пензии, никој не земал плата. Тешко е , зима е , незаштитени сме, ветер, студено, провев, ова е болест, не е за секој човек. Џабе е да се менуваат тезгите, кога пазарот не е заштитен. Како ќе менуват тезги, кога пазарот не е заштитен, пазарот треба да е затворен простор. Ако дадеш 50 евра, барем да не мрзеш и 5000 денари паушал. За нас нема ништо, само колку да не сме дома, изјави анкетиран пазарџија.
-Не сме задоволни, многу е студено, снег вее. Да се покрие , да не дува ветер, иако го реконструираа пазарот, ништо не е заштитено. Нема хигиена. Не се чисти тоалетите, изјави анкетирана пазарџика
Директорот на јавното претпријатие „Пазаришта“ , Илир Саити на последната седница на Советот на Општина Куманово се пофали пред советниците и јавноста дека работи на подобрување на условите, еден дел од пазарот, покривот, тоалетите се реновирани, а со средствата кои што останале ќе се санира и останатиот дел.
Саити најави и замена на тезгите на зелениот пазар кои што се поставени пред повеќе од 50 години, а не се заменети досега. Средствата за поставување на нови тезги, директорот планира да ги обезбеди преку заеднички проект со српската општина Бујановац. Според него, јавниот повик со Р.Србија ќе биде објавен месецов.